Skip to main content

Урсула фон дер Лајен повторно го преживеа гласањето за недоверба во Европскиот парламент

Европскиот парламент во Стразбур денеска со мнозинство гласови ги отфрли предлозите на крајната левица и десница за гласање недоверба на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Ова е вторпат во последните три месеци Фон дер Лајен да се соочи со ваков обид за смена.

Десничарската група „Патриоти за Европа“ побара гласање поради економските, климатските и миграциските политики на Комисијата, но особено поради трговскиот договор со Соединетите Американски Држави, според кој Вашингтон воведува 15% царина на увозот од Европа.

Претседателот на групата, Жордан Бардела, ја обвини Фон дер Лајен дека ја „предала Европа“ на своите конкуренти, со што, како што рече, ги загрозила фармите, фабриките и работните места во ЕУ. Европскиот парламент го одби предлогот на десницата со 179 гласа „за“, 378 „против“ и 37 воздржани.

Од левицата, пак, ја обвинија Европската комисија за недејствување во услови на влошена ситуација во Газа и за поддршка на трговските договори со САД, Меркосур и Мексико. Европската унија минатата година постигна политички договор со земјите од Меркосур – Бразил, Аргентина, Уругвај и Парагвај – за слободна трговија, што предизвика незадоволство во Франција поради страв дека поевтините земјоделски производи ќе ги загрозат домашните производители.

Пратеничката Манон Обри од Левицата изјави дека Фон дер Лајен со своето „кукавичко недејствување“ дозволила „геноцид врз цивилите во Газа“ и побара нејзина оставка. Таа, исто така, предупреди дека договорот со Меркосур ќе ја уништи европската земјоделска индустрија и ќе го загрози животната средина.

Предлогот на Левицата беше отфрлен со 133 гласа „за“, 383 „против“ и 78 воздржани. За да помине, потребно беше две третини од присутните пратеници да гласаат „за“.

Во последните три месеци во Европскиот парламент беа поднесени три иницијативи за недоверба на Фон дер Лајен – нешто што се случува исклучително ретко. Последен пат, за смена на претседател на Европската комисија се гласаше во 2014 година.

Поврзани вести