Skip to main content

Во следните четири дена во Кочани ќе се врши здравствена евалуација на сите кои беа повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“

МИА

Од утре во следните четири дена во болницата во Кочани ќе се врши здравствена евалуација на сите кои беа повредени во пожарот кој се случи на 16 март во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 62 лица од кои 6 малолетници и 193 беа повредени од кои 25 деца.

Ова на денешниот брифинг со новинарите го кажа заменик-министерот за здравство Јовица Андоновски, кој дополни дека тим од специјалисти од КАРИЛ, Градската општа болница (ГОБ) ‘8 Септември’, Клиниката за хируршки болести ‘Св. Наум Охридски’ и од Клиниките за пластична хирургија и токсикологија ќе вршат еваулација на пациентите.

Апелираме сите соберат сила и да дојдат. И тие што не биле повредени и не биле хоспитализирани, сите да дојдат во Општата болница во Кочани“, изјави директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски на брифингот.

Според последните информации, во моментов 11 пациенти се лекуваат во странство, во Македонија седум, од кои двајца се во приватна болница. Според Клековски само една пациентка е во критична состојба. Таа се лекувала во Белград и семејството инсистирало по враќањето лекувањето да го проложи во приватна болница.

Лекувањето во приватна болница на оваа пациентка е бесплатно, кажа Клековски.

На денешниот брифинг во Министерството за здравство освен Андовски и Клековски беше и директорката на Клиниката за пластична хирургија, д-р Јасмина Ѓорѓиевска-Павловска. Таа кажа дека сите пациенти имаат броеви од сите доктори и дека сите буквално им се 24/7 на располагање.

Никој не е заборавен, сите пациенти ги имаат нашите броеви, достапни им сме во секој момент. Во моментов на Клиниката за пластична хирургија има тројца пациенти. За нив и за еден родител се обезбедни посебни соби, изјави д-р Ѓорѓиевска – Павловска.

Таа кажа дека тим од специајлисти еднаш неделно оди во болницата во Кочани, а Андоновкси дополни дека Министерството дека во секое време ѝ стои на располагање на Болницата за се што треба да се испрати.

Вкупно 45 здравствени работници, од кои 10 од Кочанската болница поминале обука за физикална терапија со британски експерти. Британците препорачале физикалната терапија да се одвива во Кочани, да бидат повредени блиску до дома.

Според Клековски, во моментов 40 пациенти се на физикална терапија. 30 се на терапија со плазма збогатена со тромбоцити. Во Кочани, освен лекари од Клиниката за пластична хирургија доаѓаат и лекари од Козле, од Клиниката за физикална терапија.

Ќе го поканиме тимот од Израел, кој беше дојден кога се случи трагедијата, да дојде и да го каже своето мислење за понатаму. Пртоколот предвидува сите повредени кои се во странство, да се вратат во болницата од која се испратени на лекување, кажа Клековски.

Според протоколот, кога се враќаат од лекувањето надвор, пациентите во земјава ги прегледува тим од пластичен хирург, психијатар, пулмолог и токсиколог по што се пренасочуваат на натамошен третман.

Во болницата во Кочани има хипербарна комора, која е донација со помош на иницијативата „Супорт Кочани“. Со терапијата во неа ќе се овозможи брза и успешна ревитализација на кожата со изгореници, како и интоксикација на организмот по вдишувањето на чадот во дискотеката.

На новинарско прашање зошто сѐ уште не се користи Комората, Клековски рече дека станува збор за машина која не е наменета за сите повредени, и дека треба да следи процес и обука за здравствените работници, бидејќи, ако не се користи правилно, може да направи голема штета.

Поврзани вести