
Во фоајето на Македонскиот народен театар (МНТ) денеска, на 21 септември од 12 до 14 часот ќе се одбележи Светскиот ден на Алцхајмеровата болест. Настанот, во организација на Институтот за Алцхајмерова болест и невронаука е насловен како „Патување низ времето“. Влезот е слободен, а добредојдени се сите генерации.
Фоајето на МНТ ќе ги отвори вратите за нашето Алцхајмер матине. Настанот е замислен како емотивно патување низ времето, преку музика и слики од стари филмови, од корзото во Скопје, од игранките во Кермес. Преку дружење и социјална инклузија, потпомогнато со музиката која има моќ да разбуди некои стари, заробени во амилодни плаки, спомени, ќе се обидеме да им ја вратиме насмевката на лицата со деменција, а со совети да им помогнеме на семејствата кои секојдневно живеат со болеста. Добредојдени се сите генерации, изјави за „Република“ доцент д-р Габриела Новотни, специјалист невролог од Универзитетската клиника за неврологија и претседателка на Институтот за Алцхајмерова болест и невронаука.
Проф. д-р Антони Новотни, невропсихијатар, од Институт за Алцхајмерова болест и невронаука вели дека во Македонија, 24. 000 семејства секојдневно живеат и сами се справуваат со сите предизвици кои деменцијата ги носи.
Стигма, срам, изолација. Семејните негуватели искусуваат бура од емоции, од тага до лутина при соочување со дијагнозата, до непроспиени ноќи, запоставено сопствено здравје, отсуство од работа, зашто грижата за саканите кои живеат со деменција трае 24/7 и трае не со месeци, туку со години. За жал, на овој тежок пат се сами, без или со малку информации, без групи за поддршка, без дневни центри, без системски организирана помош. Оттука не изненадува податокот дека 80 отсто од негувателите во нашата земја страдаат од депресија, а таа е ризик фактор за деменција, вели за „Република“ проф. д-р Антони Новотни.
Проф. д-р Новотни апелира итно да се преземат акции за рано препознавање и прецизна дијагноза на болеста, со силен акцент на институционално решавање на проблемот, особено околу грижата за болените, обезбедување дневни центри, патронажни служби и професионални негуватели.

Кога зборуваме за ризици, бројни студии укажуваат дека загадениот воздух директно придонесува за развој на патолошки промени во мозокот типични за Алцхајмерова болест. Ако продолжиме вака, со негрижа за нашата животна средина и за семејствата кои секојдневно живеат со Алцхајмеровата болест, повеќе од јасно е дека градиме плодно тло за пораст на бројот на заболени со деменција во блиска иднина. Потребно е итно да се преземат акции за рано препознавање и навремена, прецизна дијагноза, превенција, пристап до терапија, но и постдијагностичка поддршка и грижа. Институционално треба да се обезбедат дневни центри и патронажни служби со професионални негуватели. Само така ќе успееме да се справиме со огромниот број на заболени кој се очекува во годините кои следат, зашто 70 отсто од сите лица со деменција до 2050 година ќе живеат во земји со низок и среден приход, каква е и Македонија, вели проф. д-р Новотни.
Светскиот ден на Алцхјамерова болест е само повод сите гласно за зборуваме и да пратиме порака дека лицата со деменција и нивните семејства не смеат да останат осамени и заборавени, напротив квалитен и достоинствен живот е нивно право, а наша обврска која како општество мора да им ја обезбедиме, додава професорот Новотни.