Skip to main content

Во Кардиолошката болница во Охрид воведена нова метода за третман на калцифицирани артерии

МИА архива

Во Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ во Охрид е воведена интраваскуларна литотрипсија (IVL), современа минимално инвазивна метода за третман на тешки калцификати во периферните артерии.

Новата процедура ја воведува стручниот тим предводен од д-р Дејан Манчевски, раководител на Одделот за перкутани артериски инвазивни процедури, трета нова процедура воведена во установата во изминатата година.

Методата се применува кај пациенти со напредната периферна артериска болест, кога калциумовите наслаги ги отежнуваат стандардните интервенции. Со специјализиран балон-катетер се испраќаат акустични импулси што ги фрагментираат наслагите и овозможуваат подобро проширување на артеријата, како и попрецизно поставување стент кога е потребно.

Од установата посочуват дека предност на методата е можноста за третман и на длабоко поставени калцификати во артерискиот ѕид, со помала механичка траума на крвниот сад во споредба со дел од конвенционалните техники.

Со воведувањето на IVL-технологијата се прошируваат можностите за интервентно лекување на пациенти со сложени заболувања на периферните артерии, наведуваат од Кардиолошкиот центар. 

Поврзани вести