Skip to main content
СВЕТСКИ ДЕН НА ЗДРАВЈЕТО, 7 АПРИЛ

Во 2023 година во Македонија имало 258 патронажни сестри што е недоволно за да се обезбеди квалитетна грижа за сите мајки и деца

Речиси 300.000 жени годишно го губат животот поради компликации поврзани со бременост и породување. Повеќе од два милиони бебиња умираат во првиот месец од животот, а илјадници други не преживуваат при породувањето. Ова значи дека на секои 7 секунди умира една мајка или едно новороденче од причини кои можат да се спречат. Според тековните трендови, 4 од 5 земји се далеку од остварување на глобалните цели за намалување на смртноста кај мајките и новороденчињата до 2030 година. Затоа здравјето на мајките, новороденчињата и децата е приоритет на Светската здравствена организација (СЗО) која денеска го одбележува 7 април, Меѓунаордниот ден на здравјето, објави во својот извештај Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

На 7 април 2025 година, го одбележуваме Светскиот ден на здравјето, со фокус на најважниот темел за секое општество – здравјето на мајките, новороденчињата и децата. Светската здравствена организација (СЗО), под мотото „Здрави почетоци, надежна иднина“, започнува едногодишна глобална кампања која ги повикува владите, заедниците и сите нас да преземеме конкретни чекори во поддршката на мајките, новороденчињата и децата уште од најраните моменти во животот, помагајќи да создадеме сигурна и надежна иднина. Имено, без сигурен почеток, нема сигурна иднина. Секој здрав живот започнува со стабилна бременост, безбедно породување и поддршка за мајките и новороденчињата во постнаталниот период. Затоа, главна цел на овогодинешната кампања е да се спречат смртните случаи и да се обезбеди долгорочно здравје и благосостојба на жените ширум светот. Во тој контекст, СЗО и нејзините партнери споделуваат едукативни материјали и корисни информации кои ќе бидат од голема помош во поддршката на здрава бременост, безбедни породувања и подобра грижа во периодот по породувањето, бидејќи квалитетната здравствена грижа не престанува со раѓањето на бебето, туку продолжува да обезбедува поддршка за мајката и детето во сите наредни фази од нивниот живот, велат од ИЈЗ.

За да ги смениме овие трендови, потребно е да ги слушнеме жените и семејствата, да ги цениме нивните искуства и да им обезбедиме здравствена грижа на високо ниво, особено во смисла на физичка и емоционална поддршка – пред, за време и по породувањето, додаваат од Институтот.

На Светскиот ден на здравјето, нашата држава продолжува со своите заложби за унапредување на здравјето на мајките, новороденчињата и децаta, што и понатаму останува еден од клучните приоритети на јавно – здравствената политика. Мајчината и доенечката смртност се намалени, но сè уште остануваат високи во одредени региони, особено во руралните и сиромашни подрачја на земјата, што укажува на потребата од понатамошни интервенции и мерки, велат од ИЈЗ.

Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата е тесно поврзана со социјалните и економските услови. Сиромаштијата, ниската образовна структура и ограничениот пристап до здравствени услуги директно влијаат на здравствената состојба на мајките и децата.

Во Македонија иако во последниве години има напредок во сферата на здравствената едукација и превенцијата, многу од активностите не се имплементираат на ниво кое би дало значајни резултати. Пример за тоа е нискиот процент на искористеност на бесплатните контрацептиви, кој изнесува само 16,5% во 2023 година, што укажува на недостаток на ефикасна комуникација и координација меѓу здравствените институции и целните групи, што води до нецелосно искористување на ресурсите. Дополнително, реализирани се само 13% од планираните бесплатни прегледи за жени кои претрпеле сексуално, родово базирано и семејно насилство, што го потврдува потребното засилување на интерсекторската соработка и обезбедувањето на подобра достапност на услугите. Во Општина Шуто Оризари, и покрај месечната стимулација од 15.000 денари за избраниот гинеколог, постои ризик од затворање на гинеколошката служба поради финансиска неодржливост. Овие предизвици покажуваат дека е неопходна дополнителна поддршка и подобро планирање за обезбедување континуирана и квалитетна здравствена заштита за ранливите групи.

Од особена важност за подобрување на грижата за мајките и децата е и зајакнувањето на патронажната служба. Патронажните сестри играат клучна улога во пружањето на домашна грижа за бремените жени, мајките, новороденчињата и децата, како и во едукацијата за здрави практики. Со редовни посети и мониторинг на здравјето на мајките и децата, тие помагаат во раното откривање на потенцијални здравствени проблеми и промовираат превентивни мерки. Зголемената поддршка и ресурси за патронажната служба ќе овозможат проширување на услуги, посебно за ранливите групи на население. Според последната анализа на трендовите во капацитетите и функциите на патронажната служба, некои од најголемите проблеми се поврзани со недостаток на кадри и ограничена опрема. Во 2023 година, бројот на патронажни сестри во Република Македонија се намалил на 258, што е недоволно за да се обезбеди квалитетна грижа за сите мајки и деца. Ова се должи на прераспределувањето на сестрите во други здравствени служби, а главната причина за напуштањето на патронажната служба е преместувањето во други здравствени структури. Во контекст на овие предизвици, неопходно е да се вложат ресурси за зголемување на бројот на патронажни сестри и подобрување на опремата, што ќе доведе до подобрување на квалитетот на здравствената грижа. Ефикасната комуникација со јавноста, е исто така, клучна за успехот на патронажната служба, бидејќи зголемената свест и промоција на услугите што ги нудат патронажните сестри ќе доведат до нивна поголема искористеност, велат од ИЈЗ.

Покрај тоа, Институтот за јавно здравје активно работи на поддршка на жените преку Центарот за советување „Инфо Бебе“. Оваа телефонска линија е активна секој вторник и четврток од 11 до 13 часот и нуди бесплатни препораки и совети на жените за здрава бременост, мајчинство и грижа за бебето. Препораките вклучуваат здрави животни навики, правилно консумирање на здрава храна, доење, хигиена на бебето, навремена вакцинација и други аспекти на грижа за бебињата. Сите информативни и едукативни материјали, вклучувајќи ги и водичите за доење, се достапни на веб-страницата на Институтот за јавно здравје, што овозможува лесен пристап за сите заинтересирани.