
Сè поголемата отпорност на бактериите на антибиотици може да ги претвори и вообичаените инфекции во смртоносна закана, а рутинските операции и породувањата да станат ризични за животот. На ова предупреди Светската здравствена организација (СЗО), посочувајќи дека антимикробната отпорност ја загрозува иднината на современата медицина.
Според процените на СЗО, во 2021 година повеќе од еден милион луѓе починале како директна последица на антимикробната отпорност. Доколку продолжат сегашните трендови, во следните 25 години таа би можела да предизвика дури 39 милиони смртни случаи низ светот.
Експертот на СЗО, Жан-Пјер Ниемази, предупреди дека отпорноста на антибиотиците и другите антимикробни лекови станува сè пораспространет проблем. Особено изложени на ризик се пациентите со рак и лицата со хронични заболувања, кај кои инфекциите предизвикани од бактерии, вируси и габи сè потешко се лекуваат со достапните терапии.
Дополнителен проблем е постојаниот пораст на бактериите отпорни на вообичаените лекови, додека развојот на нови антибиотици останува недоволен.
СЗО ги повика државите да ги засилат мерките за спречување на инфекции, правилна употреба на лековите, како и тестирање и следење на антимикробната отпорност. Експертот Праварша Пракаш посочи дека спречувањето на инфекциите е еден од најефикасните начини за намалување на потребата од антибиотици.

Македонски



