
На Светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот се потсетуваме дека зад секоја дијагноза стојат индивидуи со уникатни способности и семејства кои секојдневно вложуваат љубов, труд и посветеност во нивниот развој, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод 2 април – Светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот.
Претседателката посочува дека аутизмот е комплексен и хетероген спектар на искуства што ја проширува нашата перцепција за човечката различност.
За мене, бројни поединци кои се поврзуваат со овој спектар се инспиративен пример дека различноста може да биде извор на исклучителен интелектуален придонес. Лицата од аутистичниот спектар нè учат на искреност, трпение и на различни модалитети на изразување и интеракција. Поддршката за нив не смее да биде симболична, туку мора да се артикулира како системска и континуирана обврска, преку обезбедување достапни услуги, стручна поддршка и инклузивни политики што овозможуваат нивно учество и развој, напиша во објава на Фејсбук претседателката Сиљановска-Давкова.
Инклузијата, како што посочува таа, не е апстрактен идеал, туку мерка за зрелоста на едно општество.
Таа се гради преку разбирање, одговорност и активна посветеност на создавање средина во којашто различноста не се маргинализира, туку се препознава и вреднува, вели Сиљановска-Давкова.

Македонски


