Skip to main content

Првпат на листата на есенцијални лекови има апчиња за контрацепција и за никотин-заменска терапија

Принтскрин од видео

Првпат на листата на есенцијални лекови ќе има апчиња за контрацепција, како и лекови за никотин-заменска терапија. Листата на есенцијални лекови, која се ажурира првпат по една деценија е значајна и служи како клучен инструмент за обезбедување критични терапии за јавно здравје и можност за инклузија во процеси на покриеност на трошоците преку здравственото осигурување, соопшти денеска на прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу.

Како основа, појасни министерот, е користена листата на есенцијални лекови на СЗО, која се ажурира на двегодишно ниво од страна на експертскиот комитет за селекција и употреба на есенцијални лекови.

Инаку, со новиот закон за лекови предвидуваме ажурирање на оваа листа на две години во согласност со праксата на СЗО, што дополнително придонесува кон предвидливост и одржливост на системот за обезбедување лекови. Нашата цел е листата на есенцијални лекови да ги одразува современите терапевтски стандарди и новите лекови, кои се докажани како клучни за јавното здравје, а воедно да овозможи поголема достапност до современи и ефективни терапии. Им благодарам на сите вклучени во овој процес за нивниот професионален и посветен ангажман. Продолжуваме да градиме здравствен систем, кој е во чекор со современите стандарди и во функција на здравјето на граѓаните – додаде Алиу.

Координаторот на работната подгрупа, Национална платформа за лекови, проф. д-р Зоран Стерјев рече дека во листата се наоѓаат сите најнеопходни лекови за лекување на заболувањата, најприоритетските и најчестите заболувања.

Во есенцијалната листа за првпат имаме никотинска заменска терапија. Тоа се фластери и никотински гуми за џвакање, а има и едно контрацептивно средство. Направена е реорганизација и на антиинфективните лекови, зголемен е нивниот број на листата. Има значително зголемување на бројот на лекови на листата кои делуваат на CMS заболувањата, посочи проф. д-р Стерјев.

Одговарајќи на новинарско прашање проф. д-р Стерјев рече дека разликата меѓу есенцијалната и позитивната листа на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување, е што есенцијалната листа на лекови содржи препарати кои државата мора да ги има обезбедено во секое време иако за некои од нив нема економската исплатливост.

Меѓутоа, заради можноста да се појават одредени заболувања, тие мора да бидат присутни во државата во одредени количини кои ќе овозможат лекување на таквите заболувања. Есенцијалната листа ги содржи најесенцијалните лекови кои се користат во третман на заболувањата. На пример на листата има пет антиепилептици кои се користат како лекови од прв избор за третман на различни епилептични синдроми. На позитивната листа покрај есенцијалните лекови има и други лекови за кои во одреден момент ФЗО има средства да ги покрие и да станат достапни за граѓаните преку Фондот. Многу висок процент од лековите на есенцијалната листа ги има и на позитивната листа, додаде проф. д-р Стерјев.

Шефот на канцеларијата на Светската здравствена организација, Аким Али, рече дека по една деценија, се извршило ревидирање на листата на есенцијални лекови, усогласена и со листата на СЗО. Посочи дека таа е основа за задоволување на потребите на пациентите и на јавното здравство и на пациентите им овозможува пристап до есенцијални лекови.

Особено задоволство ми е што овој пат листата се осврнува не само на лекувањето, туку и на превенцијата со тоа што содржи никотинска заменска терапија и контрацептиви. Сето ова е темел на здравствената заштита. Иако оваа листа не е исто со позитивната листа сепак ми е мило што националната листа на лекови е усогласена со платформата на СЗО, им ги става на располагање овие лекови на пациентите. На ова работиме уште од 2024 година со поддршка на СЗО и политичкото водство, со министерот и работната група посветено се работеше и ова е многу важен чекор на патот кон постигнување универзална здравствена заштита, додаде Али.