Skip to main content
МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО

Повредените од пожарот во Кочани да одат на преглед само кај специјализирани лекари, несоодветна физиотерапија може да биде многу штетна

Министерството за здравство апелира до повредените од пожарот во Кочани да одат само кај професионални и специјализирани лекари во нашиот здравствен систем, кои се стручни за третирање на такви повреди, како и дека несоодветната физиотерапија може да доведе до несакани последици по здравјето.

„МЗ jа нагласува целосната посветеност кон обезбедување на најдобрата можна здравствена грижа за повредените лица.

Во однос на третманот на повредените, истакнуваме дека здравствениот систем располага со соодветни капацитети и стручен медицински кадар, подготвен да одговори на потребите за итна медицинска нега, рехабилитација и долгорочна физиотерапија.

Медицинската рехабилитација, особено кај пациенти со тешки изгореници и сериозни повреди, претставува строго регулирана здравствена дејност што може да ја извршуваат само здравствени установи и специјализиран медицински кадар.

Несоодветната физиотерапија без медицинска проценка може да доведе до несакани последици по здравјето на пациентите, а таквите постапки се казниви според Законот за здравствена заштита.

Ги повикуваме сите институции и медицински професионалци да продолжат со координирана и стручна работа, со цел да се обезбеди безбедна и квалитетна грижа за повредените“, се вели во соопштението од Министерството за здравство.

Поврзани вести