![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/screenshot_3-8.jpg)
Ни дојде пациентка со распаднат задник од нестручно вбризган филер во некој козметички салон. Девојка со некроза на носот, со паднати очни капаци, раскажуваат естетски и пластични хирурзи во земјава кои се дел од иницијативата која поднела барање за измена на Законот за јавно здравје.
Здружението за естетска медицина ја иницира измената и дополнувањето на Законот за јавно здравје во делот на медицинските процедури поврзани со естетиката. Подносители на измените на законот се три стручни здруженија од оваа област: Здружение на дерматовенеролози на Мaкедонија, Македонската асоцијација на пластични, реконструктивни и естетски хирурзи и Здружение за естетска медицина. Со предложените измени, ќе се ограничи можноста за извршување на естетски медицински интервенции од лица кои немаат медицинска квалификација, со што ќе се зајакнат стандардите за безбедност и квалитет во оваа област.
Нарачуваат филери од ‘Али експрес’ и сами дома се боцкаат. Пазарот е преплавен со филери од Кина и Јужна Кореја. Ни дојде пациентка која ни кажа дека козметичарка ѝ дала инструкции сама дома да си стави половина доза од филерот. Ова најчесто го прават по маалки козметички салони и потоа доаѓаат на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија да им помогнеме, кажа денеска на брифинг со новинарите д-р Игор Пеев, од Здружението за естетска медицина (ЗЕМ).
Д-р Пеев и д-р Анџелка Илиева од ЗЕМ апелираат дека во земјава има несоодветна примена на член 33 и 35 од Законот за јавно здравје и поднеле барања да се сретнат со министерот за здравство Арбен Таравари и со претседателката на Комисијата за здравство во Собранието, Рашела Мизрахи, со цел да се спречат штетни последици по здравјето на граѓаните.
Д-р Илиева вели дека хијалуронски филер е медицинско помагало еднакво на стент во кардиохирургијата и затоа секое негово користење од немедицинско лице и во нестерилни услови се смета за надрилекарство.
Јас сум специјалист доктор, никогаш не сум помислила сама на себе да си ставам филер“, вели дпр Илиева.
Според докторите овие медицински интервенции мора исклучиво да се извршуваат само во здравствени установи од приватна и јавна служба од едуцирани лекари.
Иницијативата вклучува и измена и дополнување на Законот за јавно здравје, особено во сегментот на неговата застареност и недореченост, што во пракса дозволува несоодветна примена и го загрозува здравјето на пациентите при изведување на медицински процедури од немедицински лица. Како на пример во член 33 од Законот, под активности со кои се продира под кожа, под иста капа се ставаат тетоважите, пирсингот, акупунктурата и сл., заедно со инјектирање на филери, ласерски процедури, липосукција и други медицински интервенции.
Во насока на подигнување на свеста и стручната едукација, на 22 февруари 2025 година во Скопје ќе се одржи Шестиот симпозиум за естетска медицина со меѓународно учество. Овој настан ќе обедини врвни експерти од земјата и регионот, со цел размена на искуства и презентирање на најновите достигнувања во областа на естетската медицина.
Естетската медицина е медицинска гранка која бара високо ниво на експертиза и стручност. Со предложените измени на Законот за јавно здравје, ќе се заштитат пациентите од несоодветно изведени интервенции и ќе се воспостават јасни правила за тоа кој може да извршува ваков вид медицински процедури. Истовремено, со симпозиумот кој го организираме, создаваме можност за професионален развој и унапредување на оваа медицинска дисциплина“, вели д-р Пеев.
Здружението за естетска медицина ги повикува сите засегнати страни, медицински професионалци, институции и медиуми да дадат поддршка за оваа иницијатива со цел заштита на јавното здравје и унапредување на професионалните стандарди во естетската медицина.