
Дарувањето на органи е највисока форма на човекољубие и хуманост во моменти на лична и семејна загуба. Самиот чин на дарување да се спасат неколку други животи, кога семејството е во голема болка од загубата, секогаш ме остава без здив од нивната хуманост и величина. За некои семејства дарувањето е и утеха, бидејќи знаат дека дел од нивниот сакан ќе продолжи да живее во други тела, вели во интервју за „Република“ проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор на транспланатација.
Професорката Кузмановска предава на Катедрата за анестезиологија, а работи на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Со неа разговаравме за трансплантацијата на црн дроб од жив дарител која првпат ќе се изведе на Клиниката за дигестивна хирургија, за повторното заживување на трансплантацијата на рожница на Клиниката за очни болести до крајот на годината, за Законот за трансплантација, за членството на Македонија во Еуротрансплант.
Ние како општество би биле задоволни со број на трансплантации кои ќе ги намалат листите на чекање на органи, вели проф. д-р Кузмановска.
За да биде поголема бројката на дарители на органи, потребно е да се разбијат прерасудите, смета професорката Кузмановска.
Ако во просек од тројца потенцијални дарители, добиваме една согласност да трансплантираме, лесно е да се пресмета за колку потенцијални донори не е добиена согласност. Затоа сметам дека секоја кадаверична трансплантација е голем успех. Дали е доволна оваа бројка да ги задоволи потребите на нашите пациенти кои чекаат органи, секако дека не е. Ние имаме троцифрена бројка на пациенти кои чекаат орган. Но, повторно ќе кажам, бројката на дарители е респектабилна. вели проф д-р Кузмановска.
Неодамна беше најавено дека на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија се подготуваат за првата трансплантација на црн дроб од жив дарител. Дали може да ни кажете нешто повеќе? Што значи тоа за процесот на трансплантација во Македонија?
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Воведување на методата трансплантација на црн дроб од жив дарител е голем исчекор за нашата медицина. Секоја трансплантација е сложен медицински процес, а трансплантацијата на црн дроб е можеби најсложена трансплантација. Тука не говороме само од хируршки аспект, туку за целокупниот процес, периоперативната грижа за пациентот, каде што се вклучени анестезиолозите, постоперативната грижа, каде што се вклучени гастроентерохепатолозите. Црниот дроб е биохемиска лабораторија на организмот и потребно е да се одржи деликатниот баланс на многу процеси со кои управува црниот дроб. Ова е голем медицински предизвик, но и можност за пациентите кои чекаат трансплантација да добијат орган.

Планинарни се 10 такви трансплантации, соопшти директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски. Тој кажа дека ќе бидат платени од Буџетот толку трансплантации колку што ќе се направат. Но, прашањето е, колку има живи дарители кои ќе сакаат да донираат орган?
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Трансплантацијата од жив дарител е правно регулирана со нашиот закон за трансплантација. Жив дарител може да биде роднина до трето колено на примателот. Значи, бројот на живи дарители зависи од семејството на примателот. Секако, се е на доброволна основа.
Еден кадавер (починат дарител) може да спаси осум животи, а да го подобри животот на уште 75 луѓе. Затоа државата, односно јавното здравство мора да го стави во фокус трансплантирањето органи од починат дарител. Каква е јавната свест по ова прашање? Колку граѓаните се запознаени дека може да донираат органи и каква е процедурата, односно што треба да се направи?
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Иако кадаверичната трансплантација спасила многу животи, и на многу пациенти им го подобрила квалитетот на живот, се уште постојат предрасуди за овој вид на органодарување.
За да се подигне свеста за благородноста на овој чин на дарување на органи по смртта, неопходни се континуирани едукации на населението и медиумски подржани кампањи. Во овие кампањи учествуваме ние докторите, министерството за здравство и други чинители во процесите на трансплантација. Морам да истакнам дека и здруженијата на пациенти кои чекаат трансплантација, како „Храбро срце“ и „Нефрон“, водат свои кампањи кои се добро осмислени.
Процедурата за донирање на органи по смртта е јасно дефинирана во Законот за трансплантација, Законот е јавно достапен. Поедноставено објаснета процедурата е следната: Кога кај пациентот ќе настапи мозочна смрт во услови на интензивна нега, се прават клинички тестови кои се повторуваат два пати во рок од неколку часа. Потоа се прават параклинички испитувања, артериографија на крвните садови во мозокот. Ако тестовите укажуваат на отсуство на мозочна активност, а артериографија покаже отсуство на циркулација во мозокот, имаме потврда на мозочна смрт. Потоа комисија формирана од Министерството за здравство која е составена од тројца доктори кои не учествувале во лекувањето на пациентот ја потврдува смртта, а потоа се вклучуваат болничките координатори за трансплантација кои разговараат со семејството на потенцијалниот донор. Ако семејството даде согласност, тогаш имаме дарител и започнуваме со подготовки за трансплантација. Секако, само ако дарителот ги исполнува медицинските критериуми да биде донор (возраст, отсуство на малигни заболувања и инфекции).
Значи, според нашиот Закон, сите сме дарители, освен ако за време на животот сме се изјасниле со изјава заверена на нотар дека не сакаме да бидеме, но конечната одлука ја донесува семејството.
Првата мултиорганска трансплантација беше изведена во екот на ковид-кризата во 2020 година. Од тогаш до денес според податоците на МЗ 21 семејство дало согласност за дарување органи. Дали оваа бројка е доволна?
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Земајќи ги во предвид обемноста и сложеноста на постапките на утврдување на мозочна смрт и добивање на дозвола од семејствата, мислам дека оваа бројка е респектабилна. Ако во просек од тројца потенцијални дарители, добиваме една согласност да трансплантираме, лесно е да се пресмета за колку потенцијални донори не е добиена согласност. Затоа сметам дека секоја кадаверична трансплантација е голем успех.
Дали е доволна оваа бројка да ги задоволи потребите на нашите пациенти кои чекаат органи, секако дека не е. Ние имаме троцифрена бројка на пациенти кои чекаат орган. Но, повторно ќе кажам, бројката на дарители е респектабилна.
За да биде поголема, потребно е да се разбијат предрасудите кои се поврзани со органдонорството.
Дали е добар Законот за трансплантација? Дали нешто треба да се измени, за да се зголеми бројот на трансплантации од починати во државата?
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Да, ние имаме добар закон за трансплантација. Измени на законот се секогаш можни ако се согледа потреба од тоа, или за хармонизација со законите на земјите од ЕУ. Сепак, дури и во земјите од ЕУ не се идентични сите закони за трансплантација. Има земји, како на пример Австрија, Белгија, Франција, Португалија и Шпанија каде не се бара согласност од семејството за дарување на органи од починат дарител, само се информира. Нашиот закон предвидува согласност, и тоа е добро, бидејќи дарувањето кај нас е на доброволна основа, што не остава простор за никаков скептицизам или недоверба во системот на трансплантација.
Дарување органи е највисок, најхуман чин, највозвишено нешто што може роднините, најблиските да направат, да се согласат да ги даруваат органите на ближниот што го загубиле за да спасат други човечки животи. Со што ние, како опшествто би биле задоволни, во однос на бројот на извршени трансплантации од починат дарител за една година? И како да се стигне до таа бројка?
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Токму така, дарувањето на органи е највисока форма на човекољубие и хуманост во моменти на лична и семејна загуба. Самиот чин на дарување да се спасат неколку други животи, кога семејството е во голема болка од загубата, секогаш ме остава без здив од нивната хуманост и величина. За некои семејства дарувањето е и утеха, бидејќи знаат дека дел од нивниот сакан ќе продолжи да живее во други тела.
По однос на вториот дел од прашањето, со која бројка ние како општество би биле задоволни, со бројка која ќе ги намали листите на чекање на органи. Како да се стигне до таа бројка? Покрај постојаната вигилност на болничките координатори, во однос на медицинскиот дел, во однос на индивидуалните одлуки за дарување, само преку кампањи за едукација на општата популација.

Освен органи, во изминатиот период Министерството за здравство информираше и за трансплантирани коскени ткива. Беше извршена трансплантација на коска од починат дарител на прсти кај 13-годишник. Дали може да ни откриете што ново се подготвува?
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Изминатите недели беа извршени три трансплантации на коска, и една на Ахилова тетива. Графтовите, односно коските и тетивите се од починатите дарители. Тие се складирани во банка на ткива, каталогизирани и се чуваат на минус 80 степени целзиусови. Овие коски и лигаменти се користат кај тумори на коски, каде заболената коска се заменува со коска од дарител, како и кај вродени и стекнати деформитети на екстремитетите. Овие пациенти кои примаат коски и лигаменти од банка на ткива од почнати дарители имаат голем бенефит. Кај пациентите со тумори, ова се животоспасувачки операции, а кај пациентите со дегормитети, трансплантација на коска значи крај на инвалидитетот. Овие пациенти не примаат имуносупресивна терапија, бидејќи клетките од ткивата се умртвени и ткивата служат за пополнување на дефектот или замена на коската.
Од плановите за развој на трансплантационата програма во Македонија, покрај трансплантација на црн дроб од жив дарител, планираме повторно да ја заживееме трансплантацијата на рожницата на очи. На клиниката за очни болести има едуцирани доктори и голем елан да се заживее повторно оваа метода.
Поради скромниот број на трансплантации, Македонија нема пристап до европската листа, преку која се прави размена на органи со европските земји. На тој начин значително се ограничени опциите за македонските пациенти на кои животот им зависи од трансплантација. Кој е условот за влез на Македонија во Еуротрансплант?
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Еуротрансплант е непрофитабилна организација во која членуваат седум од вкупно 27 земји во Европската унија. Останатите 20 членки се самоодржливи системи за трансплантација.Секако дека од членството на Македонија во Еуротрансплант би имале бенефит, но и обврски кон Еуротрансплант. Покрај хармонизација на нашата легислатива со легислативата на земјите во Еуротрансплант, потребно е да имаме добро изграден систем за трансплантација, центри за трансплантација, поголем и одржлив број на починати донори.
И покрај кампањата за подигање на јавната свет кај граѓаните за дарување органи од починат дарител, најтешката задача ја имаат лекарите, кои треба да ги убедат роднините дека го направиле вистинскиот избор кога решиле да ги даруваат органите. Какви се вашите искуства?
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Секогаш е тешко кога на семејството треба прво да се изрази сочуство, а потоа да им се укаже на законската можност да ги даруваат органите. Тоа се тешки разговори, со многу емоции од двете страни, и од семејството и од лекарите. Откако ќе ги запознаеме со можноста за дарување на органи, што е законска обврска на болничките координатори, се повлекуваме, го оставаме семејството сами да одлучат, им оставаме просторија во која се сами и можат да размислат, ако сакаатда одат дома и да се консултираат со членови од семејството кои не се присутни на разговорот. Им даваме време колку што им е потребно да донесат одлука. Ако решат да ги даруваат органите, продолжуваме трка со времето да ги одржиме органите до трансплантација. Овие процеси некогаш траат со денови. Емоциите ни надоаѓаат отпосле, кога се ќе се заврши, тогаш ги преживуваме одново сите настани и емоциите траат со денови…