Skip to main content
s_roZcALPvc
Д-Р ОЛИВЕР ЗАФИРОВСКИ, ДИРЕКТОР НА КЛИНИКАТА ЗА ПУЛМОЛОГИЈА И АЛЕРГОЛОГИЈА

На долги патеки аерозагадувањето влијае на централниот нервен и кардиоваскуларен систем и тоа доведува до комплетно заостанување и во развој кај децата

Аерозагадувањето во урбаните средини стана главен социјален, здравствен, еколошки и економски проблем. Според Светската здравствена организација (СЗО) речиси девет од десет лица сега дишат загаден воздух, од кој страдаат околу седум милиони луѓе секоја година.

СЗО и Европската агенција за животна средина во последните извештаи велат дека повеќе од 80 отсто од луѓето кои живеат во градовите се изложени на лош квалитет на амбиеталниот воздух, со концентрации кои ги надминуваат утрвдените прагови.

Поради вдишувањето на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките кои се во воздухот, Европа забележува 400 илјади предвремени смртни случаи. Луѓето кои живеат или престојуваат во населени урбани области се под најголем ризик за респираторни заболувања и други хронични здравствени проблеми.

Се повеќе имаме карциноми на белите дробови, но и на другите органи и тоа е поради аерозагадувањето и лошиот квалитет на амбиеталниот воздух, вели д-р Зафировски / Фото: Александар Ивановски

Во Македонија годишно има 3.828 смртни случаи кои можат да се препишат на изложеноста на тековните концентрации на ПМ2.5 честички, што е 17.7 отсто од вкупната смртност во државата, наведено е во најновиот извештај насловен „Аерозагадувањето во Р.Македонија и ризици по здравјето“, кој го подготвила доц. д-р Мирјана Димовска, раководителка на одделението за безбедност на вода, санитација на животна средина и здравствена екотоксикологија, при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Расте бројот на рак на белите дробови, но и на другите органи и тоа е поради аерозагадувањето и лошиот квалитет на амбиенталниот воздух. Скопје во последните месеци е меѓу првите 10 најзагадени градови во светот, тоа придонесува да се развиваат и други болести, а пред се карциномите кои се во подем. Според една нова статистика на американската асоцијација, секое седмо новородено дете ќе има проблеми со белите дробови поради аерозагадувањето.

Д-р Зафировски: Според една нова статистика на американската асоцијација, секое седмо новородено дете ќе има проблеми со белите дробови поради аерозагадувањето/ Фото: Александар Ивановски

На долги патеки аерозагадувањето влијае на централниот нервен систем, негативно влијае на кардиоваскуларниот систем и сето тоа доведува до комплетно заостанување и во развој кај децата, и на менталниот и на физичкиот развој. Затоа ни е потребна чиста животна средина, вели во разговор за „Република“ д-р Оливер Зафировски, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија.

Д-р Зафировски смета дека мора да се подгне свеста за климатските промени и за аерозагадувањето кое најмногу доаѓа од сообраќајот, загревањето на домовите, индустриските објекти, а голем проблем е и неконтролираната урбанизација.

Децата со астма или други респираторни заболувања се посебно подложни на ефектите на аерозагадуваето.

На нив директно негативно влијае на нивните бели дробови бидејќи, на некој начин тие се оштетени. И секако, влијае и на возрасните. Само заради аерозагадувањето, на годишно ниво над 1.200 луѓе ја губат битката со аерозагадувањето. Се зголемува смртноста кај луѓето кои имаат хронични белодробни заболувања. Десет години се зборува дека нешто мора да се стори, а ништо не е направно. Мора да се направи стратешки план. Она што е најбитно е дека оваа Влада сериозно го прифати е новиот концепт кој очекуваме да го подобри здравјето на луѓето и да го намали аерозагадувањето. Мора да се подигне свеста, ќе почнеме со предавање во школите за почеток, за да може сите да дадат свој придонес. Еден човек не може да ја смени оваа ситуација, само ако секој стане свесен за аерозагадувањето можеме сите заедно да направиме нешто поубаво и подобра клима и почиста средина, вели д-р Зафировски.

Кога има енормно зголемување на аерозагадувањто децата не треба да бидат изложени на физичка активност во надворешна средина. Треба да се користат заштитни маски КН95, ако нема маска, барем шал околу устата да се стави и да се заштитиме од зголемената концентрација на пм честичките.

Д-р Зафировски говори и за најчестите заболувања кај децата кои ги предизвикува аерозагадувањето.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Александар Ивановски

монтажа: Александар Арсовски

Поврзани вести