
Комисијата за имунизација на Министерството за здравство одлучи времено да се одложи имунизацијата со БСЖ вакцина, откако за истата вакцина од истиот производител во Хрватска биле пријавени несакани реакции. Од Министерството информираат дека имунизацијата ќе се одложи се додека не се добијат комплетни информации во однос на сериите, нивниот квалитет и асоцираноста со појавата на несакани реакции.
„Имајќи предвид дека станува збор за ист производител, веднаш е контактирана Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) и се побарани информации за сериите на вакцини што се користат во нашата држава. Потенцираме дека имунизацијата со оваа вакцина во нашата држава е задолжителна имајќи предвид дека земјата е со висок ризик од туберкулоза. Во моментот, на Институтот за ТБЦ има 95 пациенти со туберкулоза од кои 83 се од годинава, а во Детската болница Козле во 2025 се евидентирани 15 случаи, а во 2026 се евидентирани 12 нови случаи“, посочуваат од Министерството.
Од таму информираат дека во изминатите десет години до МАЛМЕД е пристигната само една пријава за сомнеж на несакана реакција од БСЖ вакцина во август 2022 година, која се однесувала на појава на апцес на местото на апликација на вакцината, што како реакција е опишано во упатството за употреба на вакцината.

Македонски


