Skip to main content

Клиниката за нефрологија прославува 50 години од постоењето: Јубилејот значи посветеност, напредок и грижа за пациентите

Универзитетската клиника за нефрологија во Скопје прославува 50 години од постоењето и денеска на посебна свеченост беше одбележан и Светскиот ден на бубрегот.

Јубилејот – 50 години од основањето на Клиниката за нефрологија, значи половина век посветеност, напредок и грижа за пациентите. Овој значаен настан го славиме заедно со Светскиот ден на бубрегот – симбол на нашата континуирана заложба за унапредување на здравјето на нашите пациенти. Во овие пет децении се минуваше низ бројни предизвици, но, се успеваше да се изгради институција што е синоним за стручност, иновација и хуманост, изјави директорот на Клиниката д-р Никола Ѓорѓиевски.

Овој јубилеј, според него, е потсетник дека успесите доаѓаат со заедничка работа, со страст кон она што го правиме и со верба во мисијата што ја носиме.

Кога зборуваме за развојот на нефрологијата во Македонија, несомнено морам да го издвојам првото хемодијализно лекување направено во далечната 1959 година кај пациент со акутно бубрежно оштетување, а потоа во 1971 година е воспоставено хемодијализното лекување како хроничен третман кај пациентот во треминален стадиум или последен стадиум на хронично бубрежно оштетување. Исто така, не смееме да го заборавиме почетокот на креирањето на васкуларни пристапи што започнува во 80-тите години на минатиот век, додаде Ѓорѓиевски.

Тој потсети на првата трансплантација на бубрег во државава, изведена во 1977 година.

Само 20 години подоцна од првата трансплантација во светот, што се случила во 1954 година во САД. Оттогаш, па до ден денешен, изведени се преку петстотини трансплантации како од жив донор така и од починато лице – кадавер. Oдбележувањето на денот на бубрегот претставува одговорност пред нашите пациенти како потсетник дека ние лекарите постоиме за пациентите и дека сите ние еден ден ќе бидеме пациенти. Основната цел е подигнување на свесноста за бубрежното здравје, па затоа секоја година на најразличен и иновативен начин го формираат мотото за здравјето на бубрезите. Оваа година, мотото е „Рана детекција, бубрежна протекција“, посочи директорот.

Од минатата година на оваа клиника започна третман на пациенти со нови иновативни лекови со цел да се успори прогресијата на хроничното бубрежно заболување и да се одложи почетокот со хемодијализно лекување.

Исто така, во изминатиот период за првпат во државата се организира скрининг за пациентите со ретки болести, бидејќи раното поставување на дијагнозата е придобивка за сите. Веруваме дека со здрава нација ќе имаме здрава држава, а тоа значи стабилност, напредок и просперитет за сите граѓани. Во иднина, нашата цел е јасна – обезбедување квалитетна, навремена и современа здравствена заштита. Со почит кон минатото, со одговорност во сегашноста и со амбиција за иднината, продолжуваме да ја градиме оваа институција – не само како место на професионален раст, туку и како заедница што остава траен белег, потенцираше Ѓорѓиевски.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски изрази надеж дека уште повеќе ќе се зголеми заштитата, за да се намали бројот на пациенти на дијализа.

Од 300 до 350 нови лица годишно почнуваат со хемодијализно лекување. Тука е апелот да ја подигнеме свеста за превенција, бидејќи само со превенција може да го успориме процесот на прогресија на хроничната бубрежна болест, со нови иновативни лекови, да делуваме кон подобро третирање на дијабетот и на хипертензија, бидејќи претставуваат водечка причина за развојот на хроничната бубрежна болест, истакна директорот Нефрологија, д-р Ѓорѓиевски.

Ние во иднина треба да работиме што повеќе да го зголемиме бројот на бубрежна трансплантација, бидејќи бубрежната трнсплантација овозможува квалитетен живот, целосна социоекономска рехабилитација и исто така, еден од најевтините начини на лекувње на оваа ранлива група, подвлече директорот.

Ѓорѓиевски потсети дека на хемодијализа одат и постари, но и помлади луѓе, што значи дека „нема ограничување во однос на раса, возраст, пол, нација“.

Сите пациенти и секоја воразсна група и популација, може да биде подеднакво афектирана од овој тип на заболување, истакна Ѓорѓиевски.

Тој информираше дека вкупно 1.600 пациенти во нашата држава одат на хемодијализа. Околу 170 лица чекале бубрежна трансплантација.

Вчера била изведена бубрежна трансплантација од починато лице – кадавер и тој изрази благодарност до семејството на донорот, кое се одлучило да ги донира органите и да спаси нечиј живот.

Сите заедно треба да работиме на подигнување на свеста за органодарителство, бидејќи органодарителството и трансплантацијата претставуваат најдобар начин на лекување. А исто така ќе го заштитиме и финансискиот товар што го прават овие пациенти во државата, додаде Ѓорѓиевски.

Бројот на трансплантирани пациенти во западноевропските земји бил доста поголем во споредба со оној кај нас.

Во споредба со западноевропските земји, бројот на трансплантирани пациенти таму навистина е поголем, некаде се движи 30, 40 проценти. За жал, во Македонија само 10 проценти се пациенти кошто се трансплантирани. Заедно со ваша помош со сите чинители во државата треба да го подигнеме овој начин на третман на пациенти, бидејќи не се донираат само бубрези, се донираат и други органи. Навистина придонесуваат за квалитетен живот, а истите тие луѓе ќе допринесат и во државата, подвлече Ѓорѓиевски.

Поврзани вести