
Два пациент монитори и еден инхалатор доби денеска Универзитетската клиника за детски болести.
Директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди изјави дека пациент мониторите се многу значајни за следење на виталните функции на најтешко болните пациенти, а инхалаторот е битен особено за пациентите со цистична фиброза.
– Оваа значајна донација ќе помогне во подобрување на квалитетот на здравствените услуги односно медицинската нега што ја добиваат пациентите на Клиниката за детски болести и ќе помогне во подобрување на третманот на нашите пациенти, рече д-р Мемеди.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека годишно на Клиниката доаѓаат околу 70.000 пациенти и секое подобрување на капацитетите е во интерес на нивното здравје.
Претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков изјави дека очекуваат овој нивен чекор да го следат и останати бизнис организации, бидејќи помагајќи на нашето општество помагаат и на иднината.
Не случајно и од лични причини и во име на Бизнис конфедерацијата на Македонија одлучивме дека еден од главните реципиенти на донацијата ќе биде Детската клиника. Децата ни се најважни и затоа очекуваме понатаму да изградиме сериозна поддршка и да ги мотивираме компаниите да инвестираат во здравјето на младите и иднината на Македонија, додаде Бошков.
Донацијата во вредност од осум илјади долари е обезбедена од канцеларијата на Тајпеј во Рим во соработка со Бизнис конфедерацијата на Македонија.

Македонски








