Skip to main content
mhutkj5gjoQ
ГОРДАНА БЕШЛИОВСКА, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА УНИЈАТА НА ЗДРУЖЕНИЈА ПРЕДВОДЕНА ОД ЗМСТАС - ЗА НАС

Во Карпош има само две патронажни сестри, бројот и понатаму ќе се намалува

Александар Ивановски / Гордана Бешлиовска: Не треба да се занемарат вештините и знаењата на патронажните сестри, тие се богатство во превенцијата и промоцијата

На Светскиот ден на здравјето, 7 април, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави дека во 2023 година во Македонија имало само 258 патронажни сестри, што е недоволно да се обезбеди квалитетна грижа за мајките и бебињата. Од ИЈЗ сметаат дека зајакнувањето на патронажната служба во земјава е од особена важност за подобрување на здравјето на мајките и децата.

М-р Гордана Бешлиовска е претседателка на Унијата на здруженија предводени од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри (ЗМСТАС) – ЗА НАС. Таа во интервју за „Република“ истакнува дека во патронажната служба има многу проблеми за кои Унијата и Здружението оддамна апелираат, не се само бројките и кванитетот. Решението е во носење на национални стратешки програми каде што прво ќе се обрне внимание на образовните програми. Нашиот најголем проблем е што за сестрите секогаш решава некој правник или стоматолог, вели таа.

За жал, бројот на патронажните сестри и натаму ќе се намалува, смета Бешлиовска. Проблем е и што не им се признава образованието на овие сестри. Предметот патронажа не се изучува во средното медицинско образование, туку само на факултет, а високите образовни дипломи и образование на сестрите од патронажните служби не им се признаваат. Систематизациите не ги препознаваат. Средната старосна граница на сестрите во патронажната служба е над 50 годишна возраст


Патронажните сестри работат и во поливалентната служба. Тоа значи дека покрај посетата на родилките и бебињата, треба да ги опслужуваат и хронично болните лица. Од Унијата и Здружението апелираат бројот на патронажните сестри да се зголеми и тие да имаат доедукации.

За жал, се уште имаме сестри со договор на дело и покрај тоа што фалат патронажни сестри во службата. На пример, во Поликлиниката Чаир имаме недостаток од 11 патронажни сестри, заминале во пензија, а две се со договор на дело со години. Вакви ситуации имаме и во други општини, вели Бешлиовска.

Според бројот на жители во секоја општина се одредува и бројот на патронажни сестри. Фрапантен е податокот дека во скопската општина Карош има само две патронажни сестри.

Дел од патронажните сестри заминуваат во пензија, некои имаат договор на дело и сето тоа влијае врз службата. Не може да имате патронажна сестра која завршила високо образование, да ја држите во служба со средна стручна спрема и да не и го признавате образованието, смета Бешлиовска.

Таа се залага за воведување на словенечкиот модел.

Има примери, во регионот и во европските држави каде што во руралните средини исклучиво работат сестри кои се обучени во поливаленцијата и се самостојни во својата работа. Не треба да се занемарат вештините и знаењата на патронажните сестри, тие се богатство во превенцијата и промоцијата, смета Бешлиовска.

Во какви услови работат кај нас патронажните сестри?

БИШЛОВСКА: Тие секаде одат пеш, немаат возило. Имав прилика неколку пати да престојувам во Словенија. Таму имаат многу возила посебно за оваа служба, нивната патронажна торбичка е полна со се што им треба. Кај нас знам дека тоа не е случај. Нивната патронажна торба во поливаленцијата треба да има се. Тие мерат шеќер во крвта, крвен притисок, даваат совети и насоки за хроничните болни, ги обучуваат и ги воспитуваат здравствено како да се справат, а со родилките разговараат се она што е потребно. Но, одлуки не можат да донесат. Не смеат да дадат еден „клексан“ на пример. Немаат лиценца тоа да го направат. Тоа им паѓа многу тешко на сестрите, бидејќи тие се професионални, знаат, умеат, имаат вештини. Но, немаат автономност. Потребно е таа нивна одговорност да биде преточена во закон. Комплетно на сестринството му недостасува автономноста, носењето одлуки врз основа на вештините, знаењата, професиолноста. Затоа и патронажните сестри многу тешко фунцкинираат во патронажните служби. Во големите општини тие не можат да посетат повеќе од три-четири родилки на ден, бидејќи одат пеш.

Инвестицијата во ваквите превенции и во ваквите превентивни програми е инвестиција во здрава нација. Решението е во носење на национални стратешки програми каде што прво ќе се обрне внимание на образовните програми. Каде што медицинските сестри можеби ќе треба да изучуваат уште во средното медицинско патронажа. Засега се учи само на факултет. На факултетот за медицински сестри се изучува предметот патронажа, но кога ќе дипломираат и кога ќе почат да работат во патронажните служби не им ги признаат високите школи. Не треба да бидат со средно образование, треба сите да бидат со високо. Затоа мора да имаме континуитет, мора ја развивавме оваа служба со национална стратешка програма, сестрите ќе бидат дипломирани и стручни, ќе имаат специјализации од областа на семејната медицина и патронажата. Тие ќе бидат промотори на здравјето. Од нив ќе зависи колку ќе ги спречуваме болестите. Скрининзите многу придонесуваат за спречување и рано откирвање на болести.

Гордана Бешлиовска: Комплетно на сестринството му недостасува автономноста / фото: Александар Ивановски

Како да се реши ова прашање?

БИШЛИОВСКА: Медицинските сестри никогаш не го добија својот сектор за централизирање на податоците, никогаш не добија предност да го добијат законот, не дојдовме до ситуација да ги добиеме лиценците, да се формира централниот регистер во кој конечно ќе се пребориме и ќе знаеме колку сме. Овие служби може да делуваат и со прераспределување. Општината Гази Баба е огромна и врз основа на демографските податоци можеби треба да има 50 патронажни сестри, а вие фукционирате со 10. А можеби во некоја друга општина има повеќе, а нема потреба, па може да се распределат. Ист е случајот и со вакциналните пунктови. Има вакцинални пунктови каде што на еден лекар има по три сестри, а не треба да бидат толку, а во друг случај во десет пункта има една сестра и не може да постигне. Во Прилеп, лани во октомври се затворија 10 концесионарски амбуланти, значи 10 сестри останаа без работа. Ако во Здравствениот дом има недостиг на кадар во пунктовите за имунизација и во патронажните служби, кој е проблемот веднаш да се донесе одлука и да се преструктуираат и да се пуштат во процесот на работа? Мора така да размислуваме. Изморени и недоволен број на медицински сестри ви иницираат незадоволни пациенти. Таму каде што е здравјето, мора да има здрава работна околина, безбедносни услови во работата.

Гордана Бешлиовска: Нашиот најголем проблем е што за сестрите секогаш некој правник или стоматолог решава /фото: Александар Ивановски

Како тогаш да се мотивираат патронажните сестри?

БЕШЛИОВСКА: Ова може да се реши со контиунирани конкурси. Во Здружението и во Унијата имаме структурни податоци, имаме друштво на патронажните сестри кое функционира со години. Тие имаат свои симпозиуми, стручни предавања, тие самите зборуваат за се она што им е проблем на терен. Ние ги имаме податоците. Но, за жал, немаме свои сектори во Министерството за здравство и во Институтот за јавно здравје. Нашиот најголем проблем е што за сестрите секогаш некој правник или стоматолог решава. Проблемите на медицинските сестри ги решаваат луѓе кои не се од нашата фела. И се додека за сестрите одлуки носат тие кои не се медицински сестри и нас не нема таму каде што се носат одлуките, ние ќе имаме секаде проблем. Ние најдобро знаеме што е за нас најдобро. Сестринството го уништија импровизации на индивидуалци кои прифаќаат одредени работи за да поминат одредени нешта. Така ние добивме импровизирана комора која не постои во времето кога министер за здравство беше Венко Филипче.

Веќе неколку години наназад патронажните сестри се во поливалентна служба. Врз основа на дојави и по потреба, тие ги посетуваат хронично болните, мерат витални параметри, даваат совети за понатамошни лекувања и користење на здравствени услуги. Наутро, кога ќе дојдат во своите пунктови, прават шема и се договараат кој каде ќе оди. Си има протоколи врз основа на кои ги водат пациентите. Во овој момент секоја патронажна сестра треба да води подмладок, која треба да учи, бидејќи патронажните сестри се над 50 годишна возраст и искуство над 30 години. Тие се со исклучителни вештини и знаења.

СЗО направи многу испитувања и експертизи на оваа тема, но ние немаме евалуација на нештата. Ние имаме многу луѓе кои се занимаваат со проекти во оваа работа. Постојат лица кои 7-8 години тераат проект со патронажните сестри, ама само за да ги имаат на број на предавања. Нема никаква евалуација од тоа, никакви резултати. Нас тоа ни недостатусува.
Во Унијата имаме 13 друштва, 5.200 медицински сестри, умрежени сме во цела Македонија, 51 институција е внатре во унијата и во здружението, 13 друштва од сите области на сестрите функционираат, во три европски асоцијации сме членики, бевме домаќини на европски конференции, направивме 4 меѓународни конгреси, донесовме 500 сестри од регионот, претседатели на сите европски асоцијации ни беа гости во државата. Тоа зборува дека нашата работа, на Унијата и на Здружението некој надвор ја препознава. Ние не сме останатиот медицински персонал, ние имаме вокации. Порано медицинските сестри помошен медицински персонал, но веќе не се. Ако докторите напредуваат во стручноста и специјалноста, напредуваат и сестрите. Ние сме специјалисти во сопствените струки. И ние сакаме да имаме вертикален кариерен развој. Ние никогаш сестринството не го ставаме во конфликтна ситуација, ние само нудиме решение за проблемите. Сакаме да не разберат правилно, она што го работиме е за општо добро.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото и видео: Александар Ивановски

монтажа: Александар Арсовски

Поврзани вести