Skip to main content

30 проценти од жените се соочуваат со анксиозно-депресивни потешкотии во бременоста и по породувањето, вели авторката на прирачникот за скрининг и дијагностика на менталното здравје, проф. д-р Славица Арсова

Фрипик

Во рамки на Неделата на женското здравје, денеска во Скопје беше промовиран прирачник за скрининг и дијагностика на нарушувања на менталното здравје во претконцепцискиот и перинаталниот период, наменет за здравствени професионалци, пациенти и нивните семејства.

Прирачникот содржи препорачани прашалници кои жените можат да ги пополнат додека чекаат во чекалните, со цел навремено препознавање на анксиозно-депресивни состојби. Тој е дизајниран да помогне во рана идентификација на ментални потешкотии кои често остануваат незабележани, а со тоа и нелекувани.

Според авторката на прирачникот д-р Славица Арсова, директорка на Универзитетската клиника за психијатрија – Скопје, нелекуваните состојби може да се продлабочат.

Званично, бројките се движат околу 15 проценти, но ако на тоа додадеме уште 15 проценти неоткриени случаи, доаѓаме до 30 проценти жени кои во овој период се соочуваат со анксиозно-депресивни потешкотии, изјави Арсова.

Таа нагласи дека нелекуваните состојби може да се продлабочат и да доведат до сериозни последици по мајката, детето и целото семејство.

Ако мајката не е способна да се грижи за бебето, не може да се воспостави здрава релација мајка-дете. Тоа носи ризик за емоционални и когнитивни потешкотии кај детето, па дури и развој на депресивни состојби во подоцнежниот период, додаде Арсова.

Во однос на причините поради кои не се откриваат овие состојби на време, таа сподели дека во голем дел е и поради минимизирање на нивното значење.

Причината за ненавремено откривање е непрепознавање од идните мајки, не се доволно информирани и едуцирани што е тоа што се случува со нив. Непрепознавање од страна на околината, понекогаш и осудување, односно не ти е дозволено да бидеш депресивна додека си бремена и откако ќе се породиш треба да бидеш радосна и среќна и заради тоа голем број од жените не се осудуваат да побараат каква било помош и што е многу важно, непрепознавање од страна на здравствените работници кои не го препознаваат или го минимизираат значењето на психичките потешкотии кои жените ги имаат во текот на овој период, посочи директорката на Универзитетската клиника за психијатрија – Скопје, Славица Арсова.

Промоцијата на прирачникот се одржа во рамки на симпозиум и прес-конференција организирани од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), како дел од одбележувањето на Неделата на женското здравје, која оваа година се одржува под мотото „Сакај се себеси. Сакај го своето здравје!“ од 12 до 19 мај.

Поврзани вести