
Изминатиот викенд регистрирана е рекордна фреквенција на патници на граничниот премин „Блато“ на македонско – албанската граница, кај Дебар.
На овој премин регистрирани се 11.477 патници, од нив на влез во нашата земја 5715, додека на излез 5762 патници. Гледано одделено македонски државјани се 3591 од кои на влез 1410 и на излез 2181, додека 7886 се странски државјани, на влез 4305 и на излез 3581 патници, потврдија за МИА од македонското Mинистерство за внатрешни работи.
За рекордна фреквенција објавуваат и албанските медиуми, наведувајќи дека повеќе илјади албански граѓани патувале кон Дебар, каде во сабота е пазарен ден, да пазарат, но и да ги „наполнат автомобилските резеровари со дизел гориво, бидејќи таму е поевтино, но и поквалитетно“. Додаваат дека жителите на Дебар, но и други градови, патуваат во Албанија главно за туризам.
Покрај подобрената патна инфраструктура, со изградбата на автопатот Патот на Арбр (Руга е Арбрит) со што се скрати растојанието меѓу Дебар и Тирана и сега се стигнува за еден час, протокот го зголеми и намалената цена на осигурителната полиса „зелен картон“ со важност од една година, која сега изнесува 50 евра, наспроти претходно 400 евра, оценуваат албанските медиуми.
Инаку, од први април албанските власти ја намалија цената на „зелениот картон“ за албанските граѓани, за влез на македонска територија, по барањето на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, откако на први февруари стапи во сила одлуката со која им овозможуваше на албанските граѓани да патуваат во Црна Гора со осигурителната полиса „зелен картон“ со намален премиум, односно 50 евра.