
Гевгелија денеска беше најжешкиот град во државата, каде што мерните станици на Управата за хидрометеоролошки работи регистрираа максимални 41,6 степени. Исклучително висока температура од 40,5 степени е измерена и во Демир Капија.
Топлотниот бран ја зафати речиси целата земја, а највисоки температури се измерени во јужните и централните предели. Во Велес термометрите достигнаа 40 степени, на Зајчев Рид во Скопје се измерени 39,8 степени, додека во Кавадарци максималната температура изнесуваше 39,7 степени.
Во Скопската Котлина е регистриран и екстремно висок УВ-индекс од 9, при релативна влажност на воздухот од само 18 проценти.
Најсвежо било на планинските места. На Попова Шапка максималната температура достигна 23,4 степени, додека во Крушево се измерени 29,3 степени.
Но, временската состојба веќе од недела попладне ќе почне да се менува. Иако во текот на денот ќе се задржи многу топло време, во попладневните часови се очекува зголемување на облачноста, пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а локално е можна и појава на невреме со град. Нестабилност се очекува и во делови од Скопската Котлина.
Почетокот на новата работна недела ќе донесе постепено освежување. Во понеделник дневните температури ќе се движат меѓу 31 и 38 степени, со променлива облачност и услови за локални временски непогоди проследени со силен ветер.
Во текот на целата седмица максималните температури постепено ќе се намалуваат за неколку степени, но и натаму ќе остане топло, со вредности меѓу 30 и 37 степени.

Македонски


