
Центарот за управување со кризи (ЦУК) во информација за состојбата со обилните врнежи заклучно со 8 часот изутрината соопштува дека има поплавени домови и земјоделски површини, како и одрони на патишта во дел од државава.
Во Општина Ресен, како последица на обилните врнежи, дошло до излевање на реките Болнска и Источка во селата Царев Двор и Дрмени, поради што поплавени се над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделски површини.
– Ангажирани се екипи на јавни претпријатија и приватни фирми со четири багери, седум пумпи и повеќе приватни пумпи за црпење на вода. На регионалните патишта има наноси од земја кои се расчистуваат по приоритет. Нивото на Голема Река е 2,1 метар со почетни излевања во Долна и Горна Бела Црква. ЈКП „Пролетер“ известува за нарушен квалитет на водата – привремено не се препорачува за пиење.ТППЕ Ресен интервенира во село Дрмени со две возила и пет пожарникари, објави ЦУК на својата веб страница.
И Општина Битола пријавува повеќе интервенции:
– ЈП Битола работи во подпелистерските села Нижеполе, Дихово, Цапари, Породин, Жабени, Лажец, Меџитлија, Острец, Граешница и Кишава. ЈП „Нискоградба“ и АД Водостопанство подигаат насипи на р.Драгор кај Долно Оризари. На мостот во Карамани се расчистуваат гранки и отпад со цел зголемување на протокот. ХМС „Стрежево“ ги чисти пропустите на Цапарска река (Доленци–Лера). Ангажирана е целата механизација, екипите остануваат на терен и во текот на ноќта. Поради вода на коловоз, затворени се патиштата Лера–Доленци и кон Цапари. Нивото на р.Црна е зголемено на 2,7 м (во 15:30 ч). ЈКП Водовод – Битола работи на дефект што предизвика прекин на водоснабдување од Кравари до Меџитлија. Преку Е-112 пријавени се повеќе поплави на подруми, дворови, паднато дрво и ризик од излевање на канали, ја пренесува ЦУК состојбата во Битола.
Во Општина Демир Хисар од излевање на река Црна кај село Жван се поплавени земјоделски површини, а надлежните екипи расчистуваат одрони на локалните патишта Базерник и Вирово, кои се проодни.
Во Општина Прилеп, пак, преку Е-112 е пријавено дека паднал таван на куќа на ул.„Кајмакчалан“, како последица од дождовите.
Регионалниот центар за управување со кризи – Охрид, пак, извршил повеќе интервенции на поплавени домови. По престанокот на дождот состојбата е стабилизирана, но реките и понатаму се на високо ниво.
Според РЦУК – Куманово, во Крива Паланка и Кратово екипите расчистуваат повеќе одрони на регионалните патишта. Водостојот на Кратовска и Крива Река е зголемен, без пријавени излевања.РЦУК – Струмица пријавил три одрони на патот Струмица–Валандово кои се веднаш проследени до надлежните служби.
Во Скопје нивото на реките е покачено, но според РЦУК Скопје состојбата е под контрола и без излевања.

Македонски








