Православните верници денеска го празнуваат Воведение на Пресвета Богородица.
Народот овој празник го нарекува Пречиста, што одлично ја доловува неговата смисла. Тоа е празник на воведувањето на пресветата девојка Марија во Ерусалимскиот храм.
Првосвештеникот Захарија ја воведе не само во храмот, туку и во Светињата над светињите, т.е. во најсветото, најчистото место на храмот, каде што никој никогаш не влегуваше, освен првосвештеникот, и тоа само еднаш во годината.
Така, Бог преку света Захарија, кој беше надвор од себе и обземен од Бога, ја прослави умната и телесна чистота на Марија, која подоцна стана врата на спасението, т.е. го прими во себе, го носеше и го роди Синот Божји, истовремено и Син Човечки, Христос. Најчистиот се роди од најчистата утроба. Затоа и празникот е Пречиста.
На овој ден особено е важна чудотворната литиска икона од манастирот Света Богородица Пречиста-Кичевска.
Оваа икона има интересна историја бидејќи претставува еден од ретките примери во нашата средновековна уметност на кој се преземени подоцнежни зографски интервенции, но стариот иконопис е зачуван и само делумно обновен и досликан. Таа интервенција ја има направено големиот иконописец Дичо Зограф.
Верувањата се дека на овој ден жените без пород треба да појдат во манастир посветен на Богородица, а оние кои имаат деца да оставаат дар на иконата на Дева Марија. Најважно е од срце да се помолите!
Според обичајот од денес, па сѐ до пролет престануваат свадбите. Со првите денови на пролетта повторно се организираат свадби. Обичај е по богослужбата во црквата да се соберат сите млади кои се омажиле или ожениле изминатата година. На воведувањето важи и обичајот неротките да одат и да преспијат во манастир за Богородица да им овозможи да имаат пород.
Воведување е слава на сточарите, кои веруваат дека Богородица им ја штити стоката од ѕверови.
Во календарот на православната црква овој празник е запишан со цервени букви, а се смета за еден од 12 најголеми христијански празници. Денеска не треба да се почнуваат никакви важни работи, да се склучуваат договори, да се почнуваат големи работи и слично.
И за овој празник важи дека не треба да се работи низ дома, да се пере долна облека, да се пегла и слично.