
Во изминатото деноноќие во државата биле регистрирани 24 пожари на отворен простор, од кои седум се сè уште активни, еден е ставен под контрола, а 16 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според податоците заклучно со 7:30 часот, активни се пожарите на потегот меѓу селата Бела Црква и Подмочани во Општина Ресен, каде гори борова шума и ниска вегетација, како и меѓу селата Копаница и Радуша во Општина Сарај, каде е зафатена нискостеблеста шума и ниска вегетација.
Активни пожари има и над селото Палиград во Општина Зелениково, над селото Нежилово на месноста Сватови во Општина Чашка, кај селото Урвич во Општина Боговиње, кај селото Градец во Општина Врапчиште и кај селото Драгов Дол во Општина Македонски Брод.
Под контрола е ставен пожарот што се протега од реонот на селото Трново во Општина Гостивар кон селата Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод, каде беа зафатени нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат.

Македонски


