Skip to main content

Резултати од конкурсите на МОН за стипендии за ученици од Математичко-информатичката гимназија, Спортската академија и за средношколци Роми

Министерството за образование и наука ги објави резултатите од конкурсите за стипендии наменети за средношколци во Математичко-информатичката гимназија и во Спортската академија за учебната 2025-2026 година. 

МОН на неговата веб-страница објави и резултати од Конкурсот за доделување стипендии во четири категории за ученици Роми запишани во прва, втора, трета и четврта година во јавните и приватните средни училишта во државава за тековната учебна година.

Министерството информира дека сите апликанти ќе добијат решение преку електронскиот портал e-uslugi.mon.gov.mk во делот „Мои апликации“ во колоната „Документ за одлука“ и дека незадоволните апликанти не треба да поднесуваат приговори и жалби пред да добијат решение. 

-По добивањето на решението, жалбите се поднесуваат до Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен, во рок од 15 дена од приемот на решението. Просториите на Државната комисија се наоѓаат на бул. „Гоце Делчев“ бр.18 (зграда на МРТВ кат 11). За малолетните апликанти жалбите треба да бидат поднесени од родител/старател, се наведува во објавата на МОН.

За оние што се добитници на стипендија, МОН посочува дека не треба да доставуваат испечатени и потпишани договори и оти сите права и обврски за  користењето на стипендијата се наведени во решението.

Поврзани вести