
Средните училишта за стручно образование и обука (СОО) потпишаа Меморандум за соработка со шест јавни институции за поддршка на развивање зелени вештини кај учениците преку практична настава.
Јавните институции ги опфаќаат Управата за хидрометеоролошки рабoти, Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет, националниот Железнички транспорт, националната Железничка инфраструктура, Агенцијата за катастар и националната Пошта.
„Како што растат еколошките предизвици, така расте и потребата од стручна работна сила оспособена да ја развива отпорноста кон климатските промени и одржливоста. Преку продлабочено разбирање на еколошките прашања и обезбедување можности адолесцентите да развиваат практични вештини, ние ја оспособуваме следната генерација да гради одржлива и отпорна иднина“, изјави Силвија Кјаручи, заменик претставничка на УНИЦЕФ.
„Учењето добива вистинска вредност тогаш кога ученикот ќе излезе надвор од ѕидовите на училиштето и ќе се соочи со реалниот свет. Затоа, практичното образование – особено она кое се реализира во реални услови, во институции и компании – претставува клучен сегмент во процесот на оформување на квалитетен, способен и компетентен кадар“, изјави Бесник Зендели, директорот на Центарот за стручно образование и обука.
„Како бизнис систем со над 5.500 луѓе кои ги користат своите знаења и вештини за да го направат нашиот бизнис поуспешен, длабоко веруваме дека висококвалитетното и континуирано образование, како и развојот на зелени и дигитални вештини за 21 век, се клучни и за општеството и за економијата. На овој начин, нашите деца и млади ќе бидат подготвени за современиот пазар на трудот во иднина, а воедно ќе го имаат и потребното знаење за справување со предизвиците што ги поставува сè подинамичната глобална економија. Преку соработка со УНИЦЕФ, јавните институции и приватниот сектор, нашата цел е да го премостиме јазот помеѓу учењето и вработувањето, со што ќе придонесеме за одржлив развој и подобра иднина“, рече Сашко Блажевски, извршен директор на Нелт СТ, и додаде дека е издвоена инвестиција од 330.000 долари за подобрување на вештините на 500 ученици од 20 училишта за стручно образование и обука, преку практична настава и летни пракси, со фокус на зголемување на зелените вештини.
Овој настан е дел од иницијативата чија цел е над 500 ученици во средното стручно образование да добијат практична обука, да учат преку работа и да одат на летна пракса во јавни и научни институции низ земјава, при што преку избраните струки ќе се подготват да придонесуваат за одржливоста на животната средина и за транзицијата кон зелена економија.
Новите партнерства меѓу училиштата за стручно образование и обука и јавните институции се резултат на соработката помеѓу УНИЦЕФ, Министерството за образование и наука и Центарот за стручно образование и обука, со финансиска поддршка од приватниот сектор групацијата Нелт и Шведска.
УНИЦЕФ го поддржува Центарот за стручно образование во изработка на зелени наставни програми, овозможување обука за наставниците и менторите, како и олеснување на практичната настава, со цел сите ученици во СОО да учат за животната средина и климата низ призмата на својата струка.
Иако учениците од стручните училишта имале и други можности за практична обука во јавните институции, ова е првпат јавните институции да се вклучат во систематски напори за подготовка на учениците за кариера во зелената транзиција на земјата. Учениците-учесници се од стручни училишта за машинство, сообраќај, транспорт и складирање, ветеринарство, хемија, градежништво, архитектура, право, економија и електротехника.
Ќе следат повеќе партнерства, при што се очекува над 40 научни и јавни институции да ги отворат своите врати за учениците и да им понудат целисходно практично искуство коешто подобро ќе ги подготви за новите барања на пазарот на трудот.