Skip to main content
Посетете ја Атина

На ова ридче апостол Павле првпат го проповедал христијанството

 Во срцето на Атина, помеѓу Акропол и ридот Пника се издига карпестиот рид Ареопаг на височина од околу 115 метри, мал и скромен, но полн со историја и симболика, место каде што се спојуваат античката мудрост и христијанската вера, местото од каде што, според записите, пред нешто помалку од два милениуми апостол Павле за првпат го проповедал христијанството пред атињаните за време на неговото второ мисионерско патување.

Лоциран северозападно од Акропол со лесен пристап, ридот што во античка Атина бил местото каде што се состанувало главното судско тело одговорно за тешки злосторства, како убиства, палења и религиозни случаи, а легендата вели дека името (Ариос Пагос на грчки) го добил или од богот на војната Арес, кој според митологијата токму таму бил суден од боговите на Олимп за убиството на синот на Посејдон, Алиротиос или по Ериниите (Арес Еринес) хтонските божества на казна и одмазда, сега пак секојдневно е полн и со туристи, но и со млади Грци.

Ридот Ареопаг нуди импресивен поглед на Атина, на Акропол и на соседниот рид Ликавитос, но паралелно, нуди и простор за размислување и инспирација, опкружен со антички амбиент и тивка, длабоко религиозна атмосфера.

Тука, во 50 или 51 година од н.е., дошол апостол Павле, во град што повторно го оживеал својот сјај по разорниот пожар од Римјаните, подготвен да ги изнесе зборовите кои ќе остават траен печат врз духовниот живот на Атина.

Делата на апостолите ја опишуваат неговата посета на еврејската синагога и неговите разговори со преобратеници во јудаизмот, како и со следбеници на Епикурејството и на Стоицизмот.

Филозофите, заинтригирани од неговото учење го одвеле до Ареопагот, тогаш една од најважните институции во Атина и место за јавни дискусии, каде што под Акропол, апостолот го одржал својот познат говор, една од најзначајните проповеди во историјата на христијанството, осврнувајќи се на „непознатиот Бог“ и воскресението на мртвите.

Денес, на ридот Аеропаг, на местото каде што некогаш се собирале атињанските мудреци и филозофи, стои бронзена плоча со врежани делови од проповедта на апостол Павле на Ареопаг запишана во Делата на апостолите (17:22-31) на старогрчки јазик.

– Тогаш Павле застана среде Ареопаг и рече: „Мажи Атињани, по сè што гледам, вие сте многу побожни. Бидејќи, кога поминував и ги разгледував вашите светилишта, најдов и жртвеник на кој беше напишано: „На непознатиот Бог“. Оној Бог, кого вие го почитувате, а не го знаете, јас ви го објавувам. Бог, кој го создаде светот и сè што е во него, бидејќи е господар на небото и земјата …, рекол апостол Павле пред филозофскиот свет во Атина, како што е заведено на самата плоча.

Во продолжение, според самиот натпис, апостолот проповедал дека „Бог, занемарувајќи ги времињата на незнаење, сега им заповеда на сите луѓе насекаде да се покаат, зашто определи ден кога ќе го суди светот со правда преку човекот кого го постави, давајќи им уверување на сите, откако го воскресна од мртвите.“

За присуството на апостол Павле на Ареопаг, постојат различни толкувања. Според Црковните Отци, односно ранохристијанските теолози и писатели станувало збор за вообичаено судење, со оглед на тоа што Ареопагот ја имал таа функција, а случајот бил отфрлен како несериозен поради споменувањето на воскресение на мртвите.

Спротивно на тоа, друг став тврди дека немало судење, туку дека апостолот бил донесен таму за да биде сослушан од публика гладна за филозофска дебата, а на говорот присуствувале и жени, што не било возможно доколку се одржувало формално судење, додека пак трет пристап ги комбинира претходните два, тврдејќи дека Павле се појавил пред Ареопагот, не за да му биде судено, туку да биде сослушан и да се оцени дали неговото проповедање претставува духовна опасност за атињаните.

По проповедта на апостол Павле, според преданијата, христијанството го прифатиле Дионисиј Ареопагит, угледен член на атинскиот совет, кој подоцна станел епископ, а по неговата смрт и светец-заштитник на Атина и една жена по име Дамарис.

Туристите се восхитуваат на погледот кон Атина и Акропол, но и на историското значење на ридот

Ридот Ареопаг, со оглед на тоа што е во непосредна близина на Акропол, на само неколку минути пеш, не се плаќа влез и важи за едно од историските места, е вклучен во туристичките локации што секој би требало да ги посети за време на престојот во грчката метропола.

Исто како и до Акропол, до локацијата каде што е ридот лесно се стигнува со атинското метро и е на оддалеченост од околу 15-ина минути пеш од истоимената станица.

До врвот на самиот карпест рид, пристапот е преку скали, но за шетањето низ камењата и карпите, потребна е внимателност со оглед на нерамноста и лизгавоста на површината.

Ареопаг, сам по себе, за многумина туристи е привлечен пред сè поради погледот на грчката метропола, во комбинација со Акропол и највисокито рид Ликавитос од спротивната страна, но читајќи информациите, веднаш нивната перцепција станува поинаква.

Италијанци, Шпанци, Израелци, Аметиканци, но и поклоничко патување на група од Романија се возхитуваат на прекрасниот панормански поглед на речиси цела Атина, а паралелно коментираат дека симболиката и важноста се многу поимпресивни.

– Местово е неверојатно. Овде е почетната точка за христијанството во Грција, симбол за ширење на христијанството. Навистина нема зборови, вели повозрасна Шпанка, која во Атина е заедно со нејзиното семејство.

Брачен пар од САД изненадено чита на информативната табла дека не станува збор само за обичен карпест рид што нуди прекрасен поглед на Атина.

– Не знаевме, навистина не знаевме. Акропол и Плака ни беа во фокусот и воопшто не проверивме што друго има во близина. Но, ова … Ова е, немам зборови, импресивно, велат во разговор со дописничката на МИА од Атина.

Секоја година на 29 јуни за време на празникот на Светите апостоли Петар и Павле, ридот Ареопаг оживува во духот на верата и традицијата и се од одржува посебна свечена литургија.

Ареопаг (Ариос Пагос), денес освен што е ридот каде што се одржувале судските совети во античка Грција и каде што апостол Павле го проповедал христијанство, е и највисокиот суд во Грција за граѓански и кривични предмети, еднаков е на Врховниот суд во други земји и е едно од трите највисоки судски тела во грчкиот правосуден систем.

MIA

Поврзани вести