Skip to main content

Летна репортажа: Какви се плажите во Атина

 Градски, организирани, диви, за семејства, за млади, бесплатни и луксузни – атинската ривиера нуди плажи за сите вкусови и сечиј џеб, на само неколку километри од центарот на Атина и Акропол и половина до еден час возење со јавен превоз.

Високите температури не ги обесхрабруваат туристите да ја вклучат Атина во нивните летни дестинации, иако доста често е дел од нивните рути кон некој од островите, а престојот во грчката престолнина обично го комбинираат со задолжителна посета на Акропол и археолошките локалитети, но и на најблиските плажи, кои исто така се популарни и кај Атињаните.

Дописничката на МИА од Атина посети дел од најпопуларните плажи на атинската ривиера со тиркизна и сина вода и палми, плажи на кои може да им завидат и некои од популарните грчки острови, но и скриениот бисер недалеку од центарот на грчкиот главен град – уникатното термално езеро Вуљагмени со полусолена вода што извира од карпести ридови.

Атинската ривиера е на јужниот брег на Атина, се протега на должина од околу 70 километри, започнува од Пиреас и стигнува до ’ртот Сунио каде што се наоѓа храмот на Посејдон стар околу 2.500 години.

Омилените плажи на туристите, но и на локалното население се од Фалиро до Вуљагмени, каде што лесно се стигнува со јавниот превоз.

Од плоштадот Синтагма во центарот на Атина поаѓа трамвај што ве носи директно до плажите, патување што до првата плажа трае нешто повеќе од половина час и чини едно евро и 20 центи, колку што е билетот за јавниот превоз во грчката метропола.

На потегот од Фалиро до Вуљагмени постои голем избор на плажи за сите вкусови лоцирани во населбите Алимос, Глифада, Вула, Кавури, Вуљагмени и Варкиза.

Во населбата Фалиро се плажите Едем и Бати, а веднаш до нив е соседната општина Алимос со плажата Каламаки.

Сите се градски плажи со слободен влез, уредени со дрвени чадори поставени од општина, имаат слободен простор за поставување чадор, пешкир, столици и каква било друга опрема за на плажа.

– Нема потреба да плаќам 10-15 евра влез на плажа, па уште толку за лежалки, па кафе… И оваа плажа е одлична, доаѓам рано наутро кога сè уште нема многу луѓе, вели пензионер кој живее во близина на една од градските плажи и речиси секојдневно ја посетува.

Градските плажи се популарни и меѓу младите, кога сакаат мирен (и евтин) ден на плажа.

– Кога сакаме музика и луѓе, одиме на некои од организираните плажи, но не толку често, бидејќи се и малку скапи. Кога сакаме мир, да можеме да се опуштиме и да уживаме доаѓаме тука, вели група студенти од Атина.

На неколку од градските плажи поставени се и специјални пристапни рампи за лицата со инвалидитет што им овозможува влез во морето.

Меѓу градските, слободни плажи, се издвојуваат оние на општина Глифада, што се уредени, чисти, а за нивниот квалитет имаат и меѓународно признание преку добиено „Сино знаме“.

Организирани плажи со цени од 30 до 320 евра

Организираните плажи, што најчесто се големи заградени и уредени комплекси со лежалки, чадори за сонце, бич барови и слично и задолжително имаат и спасувач се популарни и меѓу туристите и меѓу Грците, а на влезот се плаќа билет, додека лежалките и чадорите не се вклучени во цената.

Во населбата Алимос е „Брегот на Сонцето“ (Акти ту Илиу) најголемиот уреден и организиран комплекс што е најблиску од центарот на Атина, лесно достапен со трамвај, автобус или автомобил.

Бел песок, сино море, дрва со сенки, палми и неколку бич барови ветуваат релаксиран ден на плажа.

Билетот чини осум евра преку недела и десет евра за викендите и претставува само влезница, без никакви дополнителни услуги, додека, пак, цените на лежалките се пет евра за единечна без чадор и 25 евра за сет од понеделник до петок и 35 евра во сабота и недела.

– Често доаѓаме овде, бидејќи е блиску, убаво е средена плажата, а за децата има и активности-аква парк, вели семејство додека чека да влезе во комплексот и коментира дека доколку цените беа пониски ќе можеше едно четиричлено семејство почесто да оди на конкретната плажа.

„Брегот на сонцето“ оваа сезона, како што велат надлежните, има зголемен број посетители споредбено со лани, иако годинава цените се за нијанса повисоки.

Слични организирани комплекси постојат и во Вула и Вуљагмени.

Во приморската населба Вула, токму на последната станица од трамвајот, е комплексот плажи „Athines by the sea“ со ресторани, кафулиња и уредени организирани плажи каде што билетот за влез од понеделник до петок е 8,50 евра, а за викенди и празници 10 евра.

Во влезницата не се вклучени лежалките, чии цени за сет се од 30 до 70 евра во зависност од денот и оддалеченоста од морето, односно во кој ред се наоѓаат.

Слична е политиката и на најлуксузната, приватна плажа во непосредна близина на Атина, Астир или Астерас како што ја нарекуваат Грците, дел од хотелски комплекс и со цени повисоки од останатите плажи што се движат меѓу 60 и 320 евра за сет, во зависност од денот, местоположбата, видот на лежалки и слично.

Во истата населба е и Вуљагмени бич, голема организирана плажа, која е еден од совршените избори за семејства со деца и меѓу најпопуларните на атинското крајбрежје.

Билетот за влез чини 10 евра преку недела и 15 за викенди, а за сет лежалки со чадор за двајца, посетителите треба да одвојат 50 евра доколку отидат работен ден и 70 евра во сабота и недела.

Езерото Вуљагмени – скриениот бисер на атинската ривиера

На околу 25 километри од плоштадот Синтагма, со лесен пристап како со автомобил, така и со јавен превоз, скриен во зеленило се наоѓа тајниот бисер на атинската ривиера – малото термално езерото Вуљагмени каде што температурата на водата во текот на целата година е од 21 до 29 степени Целзиусови.

Сместено во елипсовидна празнина со должина од 260 метри и ширина од 145 метри, на висина од пола метар над морското ниво, езерото е примамлива дестинација и за туристите и за Грците, но и за оние кои имаат здравствени проблеми, поради лековитите води.

Водата на езерото доаѓа од длабочина од 50 до 100 метри со особено висока температура што покажува дека на одредена длабочина е поврзана со вулканскиот лак на Егејското Море, а се напојува и од извор на слатка вода на длабочина од 17 метри.

Во езерото завршува подземна пештера која има комуникација со морето преку различни тунели.

Езерото се формирало кога, поради ерозијата и тектонските движења, се урнал дел од покривот на голема подземна пештера пред околу 2.000 години.

Во пештерата има 14 тунели, а откриен е и голем подводен сталагмит.

Езерските води имаат зголемена концентрација на метали и микроелементи, како што се калиум, натриум, литиум, амониум, калциум, железо, хлор и јод и затоа езерото се препорачува за ревматични заболувања, спортски повреди, болести на нервниот систем, дерматолошки заболувања итн.

Просечните температури на езерото се најниски од јануари до март, како и во декември меѓу 21 и 22 степени, додека, пак, во август температурата на водата достигнува и до 29 степени.

Просторот околу езерото е ограден, среден со лежалки, чадори, кафуле и ресторан, а влезницата чини 17 евра во работни денови и 19 евра за викенди.

За оние кои сакаат да имаат обезбедено место за седење, постојат онлајн резервации на сет лежалки или маси, цените се од 45 до 115 евра за две до четири лица преку недела и од 55 до 140 евра за викенди, а во цената е вклучена и влезницата.

По езерото Вуљагмени, атинската ривиера продолжува со Лиманакиа-мали диви карпести заливи со кристално чиста вода, особено популарни меѓу младите и кај љубителите на нуркањето, како и со уште неколку други плажи што стигнуваат до ’ртот Сунио.

Атинската ривиера дополнително се надградува преку проектот Елинико во истоимената приморска населба, на местото на стариот аеродром, каде што пред пет години беше означен почетокот на работите за изградба на голем парк, комплекс со казино, хотели, облакодери, трговски центри и слично, а проектот се очекува да биде еден од најголемите на Медитеранот.

Паралелно, конкретниот регион е популарен и меѓу младите, со оглед на тоа што има голем број ноќни клубови и барови за забава покрај море во летниот период.

Фото: МИА

Поврзани вести