Skip to main content

Охрид СОС: Проектот за Сатеска наместо за спас за Охридското Езеро се претвори во спротивното

Проектот на македонските власти и УНДП за враќање на реката Сатеска во старото корито како дел од активностите за спас од загадувањето на Охридското Езеро се претвори во уште еден проект со многу измами и она што е најважното, без никаков ефект во намалувањето на загадувањето.

Здружението Охрид СОС поднесе жалба до УНДП за бројните нерегуларности во спроведување на пеорктот, по што Единицата за усогласеност со социјалната и животната средина на УНДП отвори истрага и утврди дека: со оцената на влијанието врз животната средина „не се третираат сите релевантни влијанија врз физичките, биолошките и социоекономските ресурси, вклучувајќи директни, индиректни, кумулативни и индуцирани влијанија“; доказите дека делови од оцената се плагијат „се убедливи“; Министерството за животна средина и просторно планирање речиси воопшто не врши контрола на квалитетот на оцената на влијанието врз животната средина и Министерството ја довело УНДП во заблуда со неточно тврдење дека коментарите од Охрид ЅОЅ пристигнале по истекот на рокот.

Истрагата заклучи дека пренасочувањето на Сатеска се спроведува врз основа на оцена, толку лоша што реализацијата на проектот дури „има потенцијал за зголемување на изложеноста и ранливоста на влијанијата од климатските промени“ односно – да предизвика резултати спротивни од целите на самиот проект. Последната Реактивна мониторинг мисија на УНЕСКО во Охридскиот Регион (2024) подеднакво утврди дека пренасочувањето „најверојатно нема да го реши проблемот со седиментите и загадувањето кои и понатаму ќе се влеваат во Охридското Езеро во услови на поголеми метеоролошки настани“.

За што всушност се работи. Во известувањето на Охрид СОС се вели дека од 2022 година, македонските власти со поддршка од УНДП работат на враќање на реката Сатеска во своето природно корито. Резултатот би бил Сатеска повторно да се влева во реката Црн Дрим, наместо во Охридското Езеро. Проектот беше претставен како начин за заштита на регионот од екстремни временски услови и спасување на езерото од загадување. Но, се спроведе уште едно недоволно квалитетно, квази-решение кое ги остави истите проблеми. А можеби и носи нови.

Во шеесеттите години на минатиот век реката Сатеска беше вештачки пренасочена кон езерото со цел да се исушат мочуриштата за земјоделски цели и да се подобри работата на хидроцентралите долж Црн Дрим, каде што реката некогаш природно се влевала. Оттогаш Охридското Езеро се гуши во седименти, отпадоци, пестициди, хранливи материи и други отрови што Сатеска ги носи.

Со пари од Фондот за адаптација при Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени, Македонија заедно со УНДП тргна да ja исправи грешката и да ја врати Сатеска во нејзиниот вистински тек. Ова воедно, требаше и да одговори на препораките на УНЕСКО за заштита на Светското природно и културно наследство во Охридскиот регион. На хартија, идејата беше одлична: подобра заштита од поплави и почисто езеро. Двоен успех.

Но, наместо да се реконструира старото корито така што ќе може да издржи 100 м³/сек при големи бури (утврдено со претходни технички проценки), речното корито беше направено да издржи само 15 м³/сек. Волумен поголем од тоа, повторно би одел во езерото. Така што при екстремни временски услови загадувачките материи ќе продолжат да се влеваат во Охридско Езеро – токму кога проблемот со штетните материи и седиментите е најголем.

Понатаму, оцената на влијанието врз животната средина (ОВЖС) што требаше да ги анализира можните последици од пренасочувањето на реката беше апсурдна. Наместо да се изработи проценка, за што изработувачот беше платен, беше изработен фарсичен документ – ископирани делови од документи за сосема други проекти, користени застарени и неточни податоци, и не беше направена никаква проценка на влијанието врз автохтоните видови како охридската пастрмка.

Конечната нацрт-верзија на таа нискоквалитетна ОВЖС беше доставена до Министерството за животна средина и просторно планирање пред воопшто да се одржи јавна консултација за проектот. Ниту осителот на оцената на влијанието, ни министерството навистина имаа каква било намера да ги чујат ставовите на локалното население, земјоделците, сопствениците на земјиште и граѓанското општество. Коментарите на Охрид СОС доставени во рамки на таа консултација мистериозно исчезнаа.

На крај, пренасочувањето на реката почна без добиено мислење од Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Улогата на комисијата е да ги разгледа плановите и проектите пред нивната реализација за да се осигура дека нема да му наштетат на светското наследство. Мислењето од комисијата е задолжително според закон.

Повторно, по којзнае кој пат, негрижата и неспособноста го оставија Охридскиот регион, неговата флора, фауна и жителите со изгубено време, залудно потрошени пари и привид дека проблемот се решава, за истиот да се врати со првиот поголем дожд. Згора на тоа, иако Македонија во моментов го ревидира Законот за животната средина и има можност сериозно да го зајакне во доменот на оцените на влијанието врз животната средина, предложените измени ни оддалеку не се доволни за да донесат вистинска промена во квалитетот на оцените, соопшти Охрид СОС.

Поврзани вести