
Со ова писмо сакаме да Ве информираме за сериозен инфраструктурен проблем кој го засега Галичник, соопштија од МЗ Галичник.
Имено, на единствениот пристапен пат што води низ централниот дел на Галичник, се појави големо свлечиште кое сериозно го загрозува безбедното движење на жителите, посетителите и туристите.
Патот, кој е од витално значење за комуникацијата и секојдневниот живот во Галичник, во моментот е сериозно оштетен, со потенцијал целосно да се прекине пристапот до нашата заедница. Ситуацијата претставува опасност не само за безбедноста на луѓето, туку и за нормалното функционирање на сите активности во местото.
Галичник, како културно наследство од национално значење и симбол на традицијата и историјата на Македонија, не може да си дозволи ваков прекин, особено во пресрет на летната сезона кога се очекуваат зголемен број гости и културни настани.
Апелираме до надлежните институции за итна интервенција и санација на патот, како и до медиумите да помогнат во подигање на јавната свест за сериозноста на ситуацијата.
Ние, жителите и чуварите на Галичник, остануваме на располагање за понатамошна координација и информации.