
Неколку дена по смртта на легендарниот креатор Џорџо Армани, италијанскиот продуцент Андреа Џерволино најави спектакуларен филмски проект посветен на животот и кариерата на човекот чииот стил прерасна во глобален симбол на италијанската елеганција.
Филмот нема да се фокусира исклучиво на блескавите ревии, гламурот и сјајот на Армани империјата, туку ќе ја прикаже и поинтимната, помалку позната страна на креаторот – човек кој избра да живее повлечено, подалеку од светлата на јавноста. Ќе биде прикажана и неговата емотивна врска со архитектот и бизнисмен Серџо Галеоти – партнер во љубовта и работата – со кого заедно ја создадоа визијата на брендот сѐ до неговата прерана смрт во 1985 година.
За сценариото е задолжен оскаровецот Боби Мореско, авторот на филмот Crash, кој веќе соработувал со Џерволино на повеќе проекти. Тој е и режисер на филмот Maserati: The Brothers, каде што глумат холивудски ѕвезди како Ал Пачино, Ентони Хопкинс, Енди Гарсија и Џесика Алба – што дополнително ги зголемува очекувањата и за биографијата на Армани.