Skip to main content

Тим од студенти на докторски студии и истражувачи предводен од професорот Елек Барта и професорката Ана Марија Боља од Унгарија го истражуваа македонскиот обичај „Џоломари”

Унгарски истражувачи го истражуваа македонскиот обичај „Џоломари”. Целта на теренската работа беше да ги набљудуваат и истражуваат македонските традиционални зимски машки обредни поворки. Резултатите од истражувањето ќе бидат објавени во бројни публикации, вклучувајќи илустрирана англиска публикација и научни трудови во реномирани списанија.

Професор Родна Величковска, етномузиколог – истражувач на македонскиот музички фолклор, која даде стручна поддршка на меѓународната група од Унгарија и се придружи во нивното истражување, денеска информираше за МИА, дека станува збор за истражувачи, студенти на докторски студии при Универзитетот во Дебрецин и Arts and Research Ltd, кои ја посетиле Република Македонија од 10 до 15 јануари.

На посетата и претходела подготовка за истражување. Истражувањето и соработката беа претходно подготвени преку е-курс, на кој студентите на докторски студии и истражувачи, се запознаа со литературата поврзана со историјата на џоломаството и ги формулираа нивните истражувачки прашања и цели за теренската работа.

– Тимот составен од студенти на докторски студии и истражувачи, предводен од професорот Елек Барта и професорката Ана Марија Боља, најпрвин пристигнаа во Скопје. Професорката Ана Марија Боља е признат истражувач на македонската култура, која  ја има одбрането својата докторска дисертација за различните празнични обичаи во Македонија. Со неа се придружија и студентите на докторски студии од Универзитетот во Дебрецин и од Универзитетот „Иштван Сечењи“. На првиот ден од посетата, истражувачите се сретнаа со професорот Љупчо Ристески,  професорката Инес Црвенковска, како и со мене, при што се дискутираше за македонските традиционални маскирни обичаи, обредни поворки. Следниот ден тимот се пресели во Кавадарци, каде што одржав предавање за македонските традиционални машки обредни поворки – појасни Величковска.

Таа истакна дека посетата имала неколку цели и постигнувања.

– Главните цели на теренската работа беа да се вклучат студентите во истражувањето на македонската култура и да се создаде и одржи соработка меѓу универзитетите и истражувачките институти. Во рамките на истражувањето, беа одржани пет преноси на Facebook во живо, каде што се презентираа маските на џоломарите и активностите што се одржуваат со векови. Тие исто така направија интервјуа со локалните млади и џоломарите и споделија фотографии и видеа на социјалните медиуми – додаде професорката.

Величковска подвлече дека гостите заминуваат со прекрасни спомени од Тиквешијата, поврзани со џоломарскиот обичај, заклучоци околу оваа стара традиција на овие простори и благодарност кон жителите на селата Бегниште и Ресава, каде адетот се пренесува од генерација на генерација,  за нивното гостопримство и помошта во успешното спроведување на истражувањето.

– Благодарение на нивната помош, резултатите од истражувањето ќе бидат објавени за да може да ги види светот. Благодарност ни изразија и нам како водечки истражувачи од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, на водачите на џоломарите од Бегниште и Ресава, како и на вработените во Музејот во Кавадарци. Благодарност изразија и до Универзитетот во Дебрецин, Панонија програмата и Arts and Research Ltd – додаде Величковска. 

Поврзани вести