Skip to main content

Претседателката Сиљановска-Давкова ги прими победничките тимови на „NASA Space Apps Challenge 2024“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими македонските тимови што постигнаа исклучителни резултати на „NASA Space Apps Challenge 2024“, во организација на Американската агенција за вселенски истражувања НАСА.

На средбата претседателката беше запозната со целите на 48 часовниот хакатон, што истовремено беше одржан во 180 земји, а кај нас, ученици и студенти од целата држава се натпреваруваа на две локации, NASA Space Apps Струмица, во Средното стручно општинско училиште ,,Димитар Влахов” и NASA Space Apps Скопје во просториите на Заедницата на технолошки ентузијасти „Base 42“.

Трите победнички тимови од Струмица и победничкиот тим од Скопје, избрани од страна на стручните комисии на натпреварот, ги презентираа своите иновативни решенија, користејќи отворени податоци обезбедени од НАСА и нејзините партнери.

Претседателката Сиљановска-Давкова упатувајќи честитки за значајните достигнувања, изрази задоволство од креативноста и компетенциите на македонските тимови. Таа ја нагласи потребата од натамошна посветеност во унапредувањето на образованието и науката во нашата земја, вклучително и во вселенскиот сектор, за кој, очигледно постои голем интерес и висок потенцијал кај младите генерации.

Во таа насока претседателката ја изрази својата подготвеност да придонесе во развојот и промовирањето на овој сектор кај нас, преку поддршка во реализирање тематски настани и остварување контакти со земји коишто имаат напредна вселенска програма.

На хакатонот во Струмица првото место го освои тимот „Space Banana“, чијшто проект се фокусира на едукација за егзопланети преку игра, која се одвива како приказна со визуелен приказ.

Второто место му припадна на тимот „AHSS Planet Explorers“ чијшто фокус е истражување на постоечките егзопланети, нивната атмосфера, терен и клима, а третото место на тимот „Space Jam“, посветен на визуелизацијата на вселенските тела што се позиционирани околу Земјата.

Во Скопје, првото место го освои тимот „Alkor“ чијашто интуитивна и интерактивна веб-страница содржи ресурси, податоци и материјали за истражување на геомагнетните бури и нивното влијание врз Земјата.

Поврзани вести