Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се обрати на XXVII Ораторска вечер „Иво Пухан”, што се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, под нејзино покровителство.
На годинашната ораторска вечер што се одржува традиционално во чест на професорот Иво Пухан настапија десет млади оратори.
Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска Давкова:
Чест ми е да бидам покровителка на еден многу важен настан. Верував и сеуште верувам дека говорништвото е уметност. Не случајно оваа прекрасна манифестација го носи името на професорот Пухан. Професорот каде што ја добив првата десетка. Професорот кој беше врвен говорник. Професорот кој не беше само правник, туку имаше и диплома од теологија во Падова. Можете да замислите што значеше да ви предава таков професор. Претпоставувам најдоброто од Хрватска беше дошло овде. Што го донесе овде? Љубовта. Кај нас доаѓаат најчесто заради љубов луѓето и остана овде заради една Гордана. Тоа убаво го паметам. Меѓу вас гледам и лауреати во изминатите години.
Што е она што мислам дека е важно за говорништвото? Хармонијата меѓу мислата, зборот и телото. Не го велам само јас ова. Еден од најпознатите римски оратори Цицерон го вели тоа, дека добар говорник е оној кој има мисла, во чиј говор има суштина, а исто така и во чиј говор има страсни пораки кои ги држат слушателите заинтересирани. За оние кои мислат дека не се добри говорници, еден од најпознатите антички говорници, Демостен, имал говорна маана. Тоа е познато. Но, со аргументите, со убеденоста, тоа го надминува. За Цицерон веќе реков, но сакам да кажам дека колку е важен говорот може да се види и од некои други славни говорници. На пример, Цезар не само што бил извонреден војсководец, туку бил и извонреден говорник. Прецизен, јасен, претпоставувам дека мислата му била во хармонија со умот и со карактерот. Има и многу други говорници низ историјата на кои сум им се восхитувала и топло ви ја препорачувам онаа позната книга „Говори што извршиле влијание врз човештвото“, почнува со говорот на Исус Христос, со говорот на Мухамед, и потоа има врвни говорници. Може ли да се заборави, да речеме, говорништвото на Мартин Лутер Кинг? Не може. Сјаен говорник, иако воопшто не бил талентиран, бил и Черчил. Со труд покажал, така велел – не сум роден говорник, ама подготвувајќи се, вежбајќи, верувајќи во она што го говорам, станав добар говорник. Врвни говорници биле и Кенеди, врвен говорник бил и сѐ уште е и Обама.
И на овој факултет јас сум имала прилика да слушам предавања. Никогаш не сум можела и нема да го заборавам гласот на професорот Пухан. Неверојатна моќ имаше и со мислата, ама и со говорот. Тогаш не беше забрането и морам да кажам, пушеше пура. Нема да заборавам каква личност беше. И други мои колешки и колеги од професорите биле врвни говорници, ќе ги паметам, ама паметам и плејада на студенти кои блескаа со говорите. Најдобри беа критичарите. Тоа е неспорно. Понекогаш нашите студенти имаа извонредна конкуренција и во луѓе однадвор. Нема да заборавам претставници од Eкономскиот факултет, од Mедицинскиот факултет во својата област го избираат најдоброто. Дека е убаво да се говори и на македонски, ќе ви потврдам со една мала приказна од мојот живот. Две приказни, можеби сум ги кажала. Едната во Словенија каде што одеа најдобрите ученици од основните школи. Секоја република имаше своја претстава, имаше своја приредба. Имавме и ние. Јас бев конференсието на нашите претставници. Режисер од словенечката телевизија рече дека централната прослава на Кочевје ќе се одржи тогаш и тогаш, дека јас ќе ја водам. Се шокирав. Првиот коментар ми беше дали е ова за да не биде некој од Србија? Ми рече не, не мала не, туку јазикот е прекрасен, мелодичен и вие како да верувате во тоа што го зборувате, нема да ми верувате, ама јас наизуст го знам она што го зборував тогаш кога имав 14 години. Нема да заборавам ниту колку беше неверојатно зошто ме одбраа мене. Вториот пат, како што знаеме ние, трчаме по Советот на Европа со една колешка и зборуваме пребрзо што ќе правиме, како ќе правиме прекрасно нешто. Запира еден господин и вика – извинете на кој јазик зборувате? Јас викам – на македонски. Не сум чул, вели, ама јас претседавам денеска со Светската конференција по филологија и мислам дека знам што е убав јазик. Е што е, велам, јас мислев дека италијанскиот е преубав. Вие, вика, кога зборувате како да пеете. Јас се збунив, велам, сигурно се занесов во мелодијата, па не бев свесна за тоа. Зошто велам е така? Истото го повторив. Ритамот, значи ритамот, понатаму певливоста, само не сте свесни за тоа.
Очекувам сево ова да дојде до израз вечерва. Им посакувам на оние кои ќе ве оценуваат, слушам дека денеска некоја иновација имаат. Инаку постојано сум предлагала публиката да оценува, ама не доаѓа до тоа. Не е важно. Мислам дека е оваа оригинално, колегите од странство да го имаат главниот збор. Очекувам витешки натпревар и се разбира, нека победат најдобрите и нека победи најдобриот.