
Филип Попоски, машински инженер од компанијата „Гересхајмер“ е избран за Млад инженер на годината. Признанието го доби за неговите професионални достигнувања во изминатата година. На конкурсот на Инженерската институција на Македонија се пријавиле 52 кандидати, а Попоски бил избран анонимно од жири составено од 47 претставници од медиумите, компании, академската заедница и јавниот живот.
Признанието му беше врачено на Денот на македонските инженери што го организираше Инженерската институција на Македонија по повод 105-годишнината од формирањето на првото македонско здружение на инженери на 21 март 1920 година. Од годинава 21 март се одбележува како официјален празник на македонските инженери, со што се оддава признание на нивниот придонес во градењето на модерно и иновативно општество.
Да бидам избран за Млад инженер на годината од Инженерската институција на Македонија ми значи многу. Не само како лична потврда, туку и како дополнителен поттик да продолжам по истиот пат, со уште поголема посветеност. Оваа награда, ја гледам како признание за целата посветеност, учење, предизвици и труд во изминативе години, рече Попоски.
Иницијативата за Ден на инженерите е поддржана од сегашниот и поранешните претседатели на државата, министри, ректори, декани на инженерски факултети, комори и водечки компании, ја истакна значајноста на инженерството како столб на технолошкиот и економскиот развој.
Проф. д-р Христина Спасевска, претседателка на Инженерската институција на Македонија рече дека годинава за првпат се одбележува денот под мотото „Инженерите ја градат иднината“.
–За една мала земја како што е Македонија, во услови на глобализација и рапидно навлегување на нови технологии во индустриските капацитети, единствено квалитетното образование на инженерите, за време на студирањето, но и потоа, во компаниите, ќе овозможи напредок на државата. Соочени со глобалната интелектуална миграција, која секако не нè заобиколува, уште повеќе сме ранливи на геополитичките и финансиските потреси во светот. Значајно е да ги задржиме младите дома, да им овозможиме услови за професионален напредок на почетокот на нивната кариера. Значајно е ние, постарите колеги да бидеме поддршка кога се двоумат дали да ја напуштат земјата. Да направиме услови да станат дел од нашите тимови во компаниите или на факултетите, па преку нашиот пример за професионализам да се профилираат во успешни инженери – рече Спасевска.
На настанот присуствуваа Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини и проф. д-р Калтрина Зеколи-Шаќири, заменик-министерка за транспорт. Се одржа и панел-дискусија на тема „Македонското инженерство во пресрет на индустријата 5.0“, во која учесниците дебатираа за идните предизвици и можности во инженерството во контекст на новите индустриски стандарди.
Модератор на дискусијата беше д-р Андреј Лепавцов, а во панелот учествуваа д-р Ристо Јаневски, претседател на Собранието на Стопанската комора, проф. д-р Азир Алиу од Универзитетот на Југоисточна Европа, конзул Анета Антова Пешева, основач и директор на УНЕТ, како и инж. Велимир Петровски, менаџер за производство во Кнауф. Оваа завршна дискусија ја истакна потребата од адаптација кон новите индустриски процеси и технологии, како и значењето на инженерството во обликувањето на одржливи и иновативни решенија за иднината.