Skip to main content

Утре е Бадник: Што се треба да се најде на масата?

Бадник го означува почетокот на подготовките за најрадосниот христијански празник – Божик. Името е поврзано со бадникот, дабово дрво кое традиционално се сече и се внесува во домот, а овој ден изобилува со обичаи и симболи кои и денес се почитуваат во многу семејства.

Иако обичаите со текот на времето се приспособиле на современиот начин на живот, Бадниковата вечер останала клучна и со посебно значење. Домаќинките подготвуваат богати посни јадења, верувајќи дека храната на трпезата влијае врз здравјето, слогата и просперитетот во претстојната година. Сите јадења остануваат на масата до Божик.

Бадниковата вечера е последниот посен оброк во годината, но според народните обичаи секогаш е богата и разновидна. Трпезата не се расчистува по вечерата – сите јадења остануваат на масата до Божик. Обичајот налага да се вкуси од сè што е подготвено. Вечерата се консумира во тишина, а се верува дека токму на Бадник е најдобро да се помириме доколку имало несогласувања, за следната година да помине во хармонија и слога.

Едно од најважните правила на Бадниковата вечера е да се подготви непарен број јадења, што се смета за симболичен заштитник на домот и показател на почит кон традицијата. Главната цел на вечерата е собирањето на целото семејство за заедно да го дочека Божик. На трпезата задолжително има риба и грав, а вечерата завршува со суво овошје, компоти, посни пити и колачи.

Според традицијата, на Бадниковата вечера треба да се најдат следните намирници:

Погача која се крши, а не се сече
Леб и сол
Пржена риба
Грав
Кисела зелка и туршија
Мед и вино
Покрај храната, на масата се става свеќа, и сито или тепсија со четири големи црвени јаболка, жито, малку пченка, пари, суви сливи и ореви.

Поврзани вести