Skip to main content

Петровден – Кога говориме за цврстината на верата го подразбираме исповедањето на апостол Петар

МИА/приватна архива на протопрезвитер Ивица Тодоров

И кога низ вековите, па и до ден денес, говориме за цврстина во верата, под цврстина во верата го подразбираме исповедањето на апостолот Петар, односно ја подразбираме спасителната вистина која ни ја откри самиот Христос, но, ги подразбираме и делата кои се плод на таа иста вера и вистина, вели во разговор за МИА протопрезвитер Ивица Тодоров.

Православните христијани на 12 јули го празнуваат Петровден, празникот посветен на апостолите Петар и Павле и се смета за еден од најголемите празници по Велигден. 

По примањето на Светиот Дух апостолите се растуриле по светот за да ја проповедаат светата Христова вера. На тој план меѓу нив најмногу се истакнале светите апостоли Петар и Павле. На иконите, тие се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт.  

Со протопрезвитерот Тодоров, кој долги години служи во црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров МИА разговараше за значењето и историјата на овој празник, за тоа колку е можна цврстината и издржливоста во денешните современи услови на живеење, но и за начинот на кој се одбележува овој празник. 

Празнувањето на Петровден датира меѓу 66 и 68 година

Светиот апостол Петар е роден во селото (според други мало гратче) Витсаида на брегот на Галилејското Езеро. Потекнувал од рибарско семејство и еднаш кога ловеле риби на езерото ги видел Исус и ги повикал по што Петар заедно со брат му Андреј го напуштиле рибарскиот занает и му се придружиле. Така од ловци на риби станале ловци на човечки души. 

Како верен Христов ученик Петар бил со својот учител во многу прилики во кои не биле другите апостоли како на пр. при преобразувањето (Преображение), при воскреснувањето на Јаировата ќерка… Петар предложил да биде избран нов апостол на местото на Јуда кој по предавството се обесил. Со коцка бил избран Матеј и со тоа бројот на Христовите апостоли пак станал дванаесет. Исто така, по слегувањето на Светиот Дух врз апостолите кога овие се исполниле со него и започнале да зборуваат на разни јазици, а народот помислил дека се пијани, Петар одржал впечатлива беседа кажувајќи дека тие не се пијани туку дека се исполнети со Светиот Дух. 

1 септември 2021 (МИА)   ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ  Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 19 август.   Денеска е Св. маченик Андреј Стратилат.

По оваа беседа Петар ги повикал присутните да ја примат Христовата вера и само во тој ден се крстиле околу 3.000 луѓе. Затоа што бил силен поборник и пропагатор на Христовата вера Петар бил трн во очите на еврејските свештеници, кои чекале погодна прилика да му се одмаздат. 

Празнувањето на спомен денот на светите апостоли Петар и Павле својот почеток го има уште од периодот на раното христијанство, некаде помеѓу 66 година и 68 година по Христос. Во Рим, тогашната престолнина на Римската империја, се случува маченичката смрт на првоврховните апостоли Петар и Павле. 

Првин маченички пострадал апостолот Петар. Тој, од страна на тогашните непријатели на христијанството, бил распнат на крст и тоа со главата надоле. Всушност, самиот апостол Петар изразил желба да биде распнат на тој начин, затоа што се чувствувал недостоен да биде распнат како неговиот Господ, Спасител и Учител Исус Христос, појаснува Тодоров. 

Апостолот Павле, пак, затоа што имал римско граѓанство, не бил распнат на крст, ниту бил фрлен на лавови, туку тој маченички пострадал кога богоборните Римјани му ја отсекле неговата света глава. 

Тодоров вели дека веднаш по нивната маченичка смрт христијаните од Рим ги посетувале местата на нивното маченичко сведочење на Вистината. 

Во времето на светиот римски цар Константин, кој станува христијанин, на местата каде што пострадаа овие свети ученици и сведоци Христови беа изградени цркви во нивна чест и во слава на Бога. Всушност, кога се празнува спомен денот на светите апостоли Петар и Павле, се празнува и спомен денот на сите апостоли Христови кои по денот на Неговото Воскресение, а особено по денот на Педесетница, кога се исполнија со силата на Светиот Дух (Дела 2, 1 – 47), тргнаа по целиот тогаш познат свет да го проповедаат спасителното Христово Евангелие и да ја формираат Неговата Црква, вели Тодоров за МИА.

Ти се Петар (Камен/ Карпа) и на тој камен (на таа цврста основа и вистина) ќе ја изградам Својата Црква

Апостолот Петар, пред така да биде именуван од Христос, се викал Симон, или на еврејски, Шимон. Своето духовно име „Петар“ (Πέτρος, или на арамејски Kephas, со значење, карпа, камен) овој апостол го добил по еден разговор со самиот Исус (Јешуа, еврејски). 

Тодоров вели дека во тој разговор Исус директно ги прашува апостолите за тоа што мислат тие кој и што е тој. 

Светиот апостол Матеј тој разговор на следниот начин го засведочува во своето евангелие: „А кога Исус дојде во областа на Кесарија Филипова, ги праша своите ученици и рече: „Што велат луѓето за мене, синот човечки?“Тие одговорија: „Едни дека си Јован Крстител, други, пак, Илија, а некои Еремија или еден од пророците.“ А тој им рече: „А вие што велите, кој сум јас?“ Симон Петар одговори: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог.“ Тогаш Исус, одговорајќи, рече: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку мојот Отец, кој е на небесата. А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам својата црква, и портите на адот нема да ја надвладеат. (Матеј 16, 13 – 19), цитира Тодоров дел од Евангелието.

Протопрезвитер Тодоров нагласува дека и самиот апостол Симон, а и останатите апостоли немале јасна претстава за тоа кој е и што е Исус.

Апостолот Симон, преку откровение од Отецот Небесен, со сигурност изговорил: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог.“ Што всушност значат овие од него изговорени зборови? Тој исповедал дека Исус/Јешуа е Христос/Месија/Помазаник. Дека тој е очекуваниот Спасител на светото од сатанското ропство, злото, гревот и смртта. Исто така, тој исповедал дека Исус не е’ само човек, туку е и совечен логос/слово/ единороден Син Божји, односно, Исус кој е Христос/Месија е’ и Бого – Чове. И затоа самиот Исус му вели на апостолот Симон:„ . . ти си Петар (Камен/ Карпа) и на тој камен (на таа цврста основа и вистина) ќе ја изградам својата црква, и портите на адот нема да ја надвладеат“, појаснува Тодоров. 

Од тој разговор апостолот Симон станува Петар, односно неговото исповедање на вистината станува суштина и мотив на целиот негов живот во овој и ваков свет.  

И кога низ вековите, па и до ден денес, говориме за цврстина во верата, вели Тодоров, под цврстина во верата го подразбираме исповедањето на апостолот Петар, односно, ја подразбираме спасителната вистина која ни ја откри самиот Христос, но, ги подразбираме и делата кои се плод на таа иста вера и вистина. 

Еве како за таа цврстина во верата и надежта пишува самиот апостол Петар: Нека е благословен Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, кој по својата голема милост нѐ прероди за жива надеж преку воскресението на Исус Христос од мртвите, за непропадливо, неосквернето и неовенливо наследство, запазено на небесата за вас, кои сте сочувани со Божјата сила преку верата за спасение, подготвено да се открие во последното време. Во него радувајте се, дури и ако сега е потребно малку да тагувате поради разновидни искушенија, та испитувањето на вашата вера да се покаже подрагоцено од пропадливото злато, кое се испитува преку оган, за да се најде за пофалба и чест и слава, кога ќе се појави Исус Христос, кого го љубите, иако не сте го виделе, и во кого верувајќи, а сега не гледајќи го, се радувате со неискажлива и преславна радост, примајќи ја крајната цел на вашата вера – спасението на душите. (1 Петрова 1, 3 – 9), цитира Тодоров делови од Евангелитето.

Литургија, молитва, причестување во основата на сите празници 

Црквата со векови, па и денес, вели Тодоров, своите спомен денови или празници ги празнува преку нејзиното заедничко дело, преку Литургијата, преку молитвата, преку благодарењето, преку причестувањето.

Како што појаснува тој  да се служи на Бога, на Отецот и Синот и Светиот Дух, значи да му се служи на Народот Божји, на Црквата Христова. 

Протопрезвитер споделува дека служењето е мотивирано и од верата во тоа дека Исус е Христос, Спасител на светот, но, и од љубовта која најреално се изразува кога на своите ближни, на своите браќа и сестри, ќе им помагате во нивното спасение, во нивното ослободување од злото, гревот, незнаењето, заблудите. 

Бидејќи Неговата божествена сила ни подари сѐ што е потребно за животот и побожноста, преку познанието на оној кој нѐ повика преку својата слава и совршенство, преку кои ни се дарувани многу големи и драгоцени ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа, откако се оддалечивте од похотната пропадливост во светот, затоа, целосно грижејќи се за ова, кон својата вера придодадете ја добродетелта, а кон добродетелта – знаење, кон знаењето – воздржување, кон воздржувањето – трпение, кон трпението – благочестие, кон благочестието – братољубивост, кон братољубивоста – љубов. Зашто, ако овие нешта ги има во вас и се умножуваат, тие нема да ве остават безделни, ниту бесплодни во познанието на нашиот Господ Исус Христос. Бидејќи оној што ги нема овие нешта, тој е слеп, кусоглед и заборава дека се очистил од своите стари гревови. Затоа, браќа, уште повеќе настојувајте да го зајакнете вашиот повик и избор, зашто, ако го вршите тоа, никогаш нема да паднете. Зашто така широко ќе ви се отвори влезот во вечното царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.“ (2 Петрово 1, 3 – 11), го завршува Тодоров разговорот со цитат од Библијата.