
Прославувањето на Божиќ во Белгија е вкоренет во нејзината христијанска култура, но на чествувањето се „накалемуваат“ многу традиции, често со пагански елементи, а, исто така, и со значителни комерцијални интереси.
Ова е заклучокот од дебатата на белгиското државно Радио 1, посветено на одбележувањето на Божик, кој во Белгија согласно Грегоријанскиот календар се празнува на 25 декември.
Божиќ стана многу комплексна прослава во чиј центар на вниманието се неколку елементи кои произлегуваат од бројни традиции, но всушност немаат никаква врска со изворната божиќна приказна, изјави теологот Ханс Гејбелс од Католичкиот универзитет во Лувен.
Професорот на Катедрата за класични студии при Универзитет во Гент, Јаник Мајс, пак, вели дека традицијата на божиќното чествување и не е толку стара колку што се мисли.
Божиќ всушност не постоел долго време. Првите христијани не сметале дека е важно да се одбележува раѓањето на Христос. Всушност, дури кон крајот на вториот век опипливо и видливо знаеме дека имало прослави на раѓањето на Христос, истакна Мајс.
Тој потсетува и дека за Христовото раѓањето се говори само во две од четирите евангелија во Библијата и тоа во оние по Матеј и Лука, и всушност модерната приказна за Божик претставува спојување на она што е наведено во овие две евангелија.
Во Евангелието по Матеј ги имаме кралот Ирод, мудреците од Исток и Витлеемската ѕвезда, но нив ги нема кај Лука. Таму наоѓаме нешто за овчарите и нивните овци и јаслите, додава Мајс.

Зошто Божик е на 25 декември?
И во двата календари, и во Грегоријанскиот и во Јулијанскиот, денот кога се прославува Христовото раѓање е 25 декември. Разликата настанува поради тоа што Јулијанскиот календар „доцни“ 13 дена, па така дел од христијанските цркви, вклучително и МПЦ, го слават празникот на 7 јануари.
Во однос на тоа зошто Божик се прославува токму на 25 декември, Мајс вели дека постојат две објаснувања.
Едното вели дека тој датум е избран затоа што Римјаните на тој ден организирале голем фестивал во чест на Сонцето. Тој фестивал наводно бил толку голем, што христијаните мислеле: „Мора и ние да го имаме ова“, истакна Мајс.
Но, според него, покрај Римјаните, низ историјата и многу други народи ја славеле најдолгата ноќ во годината и „враќањето на сонцето“, како на пример Германите, кои по тој повод го одржувале фестивалот Јуле.
Можеби сето тоа има некаква врска со циклусот на Сонцето, но дали има врска и со култот на Сонцето е сосема друго прашање, вели Мајс.
Според него, во одреден момент од развојот на Христијанството, христијаните „сфатиле“ дека Христос е зачнат на 25 март, а 25 декември е девет месеци подоцна.
Но, теологот Гејбелс посочи дека не се знае „во кое годишно време“ е роден Исус, но малку е веројатно дека тоа е 25 декември.

Приказните споменуваат овчари. Тие се надвор со своите животни, што значи не е зима. Поверојатно е дека би се родил напролет или налето, смета Гејбелс.
Мајс се надоврзува со објаснување дека станува збор за комбинација од игри со бројки, астрономија и теолошки елементи од Библијата,
Од четвртиот век почнал да се наметнува датумот 25 декември. Ова дошло од Западот, од Римската црква, но и од Cеверна Африка, додава Мајс.
Потеклото на божиќните елки и придружните декорации
На прашањето зошто за Божиќ се китат елки и се украсуваат домовите, Гејбелс вели дека елката има симболично значење, бидејќи во минатото луѓето ги украсувале домовите со зелени гранки за да го одвратат злото и затоа што зелената се сметала за боја на надежта.
Во 18. век, непосредно пред Божик, богатите почнале да поставуваат овошни дрвја во своите домови, кои би цветале за време на божиќните празници. Дрвјата биле украсувани со јаболка, ореви, слатки… Од друга страна, елката се појавува во домовите на сиромашните, кои не можеле да си дозволат овошно дрво, додава Гејбелс.
Според Мајс, елката го симболизира спознавањето на доброто и злото и на падот и искупувањето, при што украсувањето со јаболка е симбол на падот, а со слатки на искупувањето.
Сцените од Христовото раѓање што сè почесто се користат како декорација за време на Божик, според Гејбелс, се резултат на симболичните толкувања на приказните за раѓањето на Исус во кои се испреплетуваат фактите и фикцијата.

Тој потсетува дека, според Евангелието по Лука, по раѓањето Исус бил сместен во јасли каде се ставала храна за животните, кои вообичаено се наоѓаат во шталите.
Но, јаслите можеле да се стават каде било тие денови. Сепак, сцената на раѓањето треба да ги нагласи лошите услови во кои е роден Исус, додава теологот.
Копнежите по „бел Божик“
Со оглед на тоа што Божик се прославува во првите денови од календарскиот почеток на зимата, тој се поврзува со зимската идила на градови и села завеани во снег, кој се смета за симбол на чистота и нови почетоци.
Одговорноста за ваквата илузија му се припишува на Чарлс Дикенс и неговата новела „Божиќна песна“ од 19-от век, во која стариот скржавец Ебенезер Скруџ се кае на Бадник и се трансформира во добротвор. Делата на Дикенс често се сместени во зимски амбиент, како романтична алузија на празниците.
На идејата за „бел Божик“ дополнително се надоврза и истоимената песна на Бинг Крозби, која стана врвен сентиментален приказ на еден старомоден Божик.
Но, реалноста е поинаква. Имено во изминативе 125 година, колку што се водат статистички подароци за тоа, во Белгија само 11 пати имало „бел Божиќ“, односно снег за време на божиќните празници. Последен пат тоа се случило во 2010 година.
Митот за Дедо Мраз
Добриот старец со бела брада облачен во црвено, кој дели подароци, е современиот Дедо Мраз, кој е создаден во неколку дела во 19. век.

Првиот опис на она што наликува на модерниот Дедо Мраз се наоѓа во делото „Посета од Свети Никола“ од Клемент Мур од 1822 година. Подоцна ликот на веселиот старец во црвен костум е визуализиран од уметникот Томас Наст, а потоа и од Норман Роквел.
Неговиот конечен визуелен изглед го дал карикатуристот Хадон Сандблом во 30-те години на минатиот век за потребите на рекламна кампања за „Кока-Кола“.
Така, рекламата за најпопуларниот безалкохолен пијалак во светот е одговорна за модерниот изглед на Дедо Мраз. Набрзо, овој американски Дедо Мраз ја освојува Европа и целиот свет, станувајќи неизбежен декор од божиќните празници.
На ова се надоврзува и митот за домот на Дедо Мраз. Општоприфатена „вистина“ е дека домот на Дедо Мраз се наоѓа во финскиот регион Лапонија. Таму, во местото Рованиеми е изградено „селото на Дедо Мраз“, каде има голем број продавници со сувенири и подароци, пошта од каде што може да му се испрати писмо на Дедо Мраз, а дури може да се посети и неговата канцеларија. Комерцијализација на дело.
Инаку, Дедо Мраз во Финска се нарекува Јулупуки, што во буквален превод значи „Божиќна коза“. Ова се поврзува со стариот скандинавски обичај, според кој, луѓето се облекувале во козји кожи по Божик и оделе од куќа до куќа за да ги соберат остатоците од храната од божиќната трпеза.
Но, Гејбел и Мејс посочуваат дека во Белгија, па и во Холандија, Дедо Мраз е релативно неодамнешен феномен. Ова, според нив, се должи на култот кон Свети Никола, кој важи за „пријател на децата“ и им носи подароци.
Оттаму, Денот на Свети Никола – 6 декември во Белгија сè уште се смета за еден од најголемите празници.

Македонски






