Skip to main content

Земјотрес со јачина од 7,4 степени ги погоди Филипини – издадено е предупредување за цунами

Силен земјотрес со магнитуда од 7,4 степени го погоди јужниот филипински остров Минданао, пренесува Би-би-си. Првичните информации говорат дека има најмалку една жртва, а се прават проценки за повредени.

Според Геолошкиот завод на Соединетите Американски Држави (САД), епицентарот на земјотресот е на околу 20 километри од брегот на градот Манај, а се случи во 9:43 часот по локално време.

На источниот брег на архипелагот накратко по земјотресот стапи на сила предупредување за цунами.

Како што објави Би-би-си, Филипините и Индонезија издадоа предупредувања за цунами, а Тихоокеанскиот центар за предупредување од цунами соопшти дека се можни опасни бранови во радиус од 300 километри од епицентарот.

Веднаш е направена евакуација на населението во крајбрежните области, особено на децата од училиштата.

Локалните власти ги предупредија тамошните жители да бидат во состојба на зголемена готовност и да се преселат на повисоки места.

Овој земјотрес се случи 11 дена по оној во кој загинаа 74 лица, а околу 72 000 останаа без живеалишта на централниот филипински остров Себу.

Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија ја процени јачината на земјотресот на 7,6 степени, а Американската геолошка служба пријави јачина од 7,4 степени.