Skip to main content

Зеленски: Преговорите може да се одложат, Украина подготвена за ЕУ во 2027

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека датумот и локацијата на следната рунда преговори меѓу Украина и Русија, кои се одржуваат со посредство на Соединетите Американски Држави, може да претрпат измени, соопшти денес неговиот кабинет.

Според Зеленски, можните промени се поврзани со актуелниот развој на односите меѓу САД и Иран, што, како што оцени, би можело директно да влијае врз времето на одржување на средбата.

„Датумот или локацијата може да се променат, бидејќи гледаме дека се случуваат одредени процеси меѓу Соединетите Американски Држави и Иран. Тој развој веројатно ќе има влијание врз преговорите“, изјави Зеленски.

Новата рунда разговори првично беше планирана за недела во Абу Даби, но украинскиот претседател истакна дека засега не е познато кога ќе се одржи следната средба, пренесе Ројтерс.

Тој нагласи дека за Украина е клучно на преговорите да присуствуваат сите страни со кои претходно било договорено учество, бидејќи, како што рече, се очекуваат конкретни повратни информации од состанокот.

Во меѓувреме, американскиот државен секретар Марко Рубио соопшти дека високите претставници на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои учествуваа на претходната рунда разговори, нема да присуствуваат на состанокот во Абу Даби планиран за викендот.

Зборувајќи за европската перспектива на земјата, Зеленски изјави дека Украина ќе биде технички подготвена за членство во Европската Унија во 2027 година. Тој додаде дека обезбедувањето „брз“ пристап кон Унијата претставува важен дел од безбедносните гаранции по завршувањето на војната со Русија.

Според него, до крајот на 2026 година Украина ќе ги реализира клучните чекори неопходни за пристапување кон ЕУ, нагласувајќи дека владата е целосно посветена на спроведување на потребните реформи.

Инаку, на 23 и 24 јануари во Абу Даби се одржа трилатерален состанок за постигнување мировен договор за Украина, на кој учествуваа украинската, руската и американската делегација. Тоа беше прва директна средба меѓу делегациите на Украина и Русија од почетокот на конфликтот.

Според американскиот портал „Аксиос“, трилатералните разговори во Абу Даби отвориле можност за средба меѓу претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Володимир Зеленски, во блиска иднина, повикувајќи се на изјава на американски функционер.

Поврзани вести