Skip to main content
J6MqpK91bEA

ВО ЖИВО: Кардиналите влегоа во Сикстинската капела, започнува изборот на нов папа

Кардиналите-избирачи влегоа во Сикстинската капела, каде наскоро ќе започне конклавата за избор на 267-миот папа, објави АНСА.

По влегувањето, кардиналите застануваат на своите места, каде што веќе се подготвени материјалите за гласање.

Масите, покриени со кафеави покривки и украсени со црвени драперии, се распоредени во четири реда – два од десната и два од левата страна.

Кардиналите ќе положат заклетва, по што ќе биде изречена традиционалната наредба „Екстра омнес“ (на латински: Extra omnes – „Сите надвор“), а вратите на Сикстинската капела ќе бидат затворени.

Кардиналите ќе гласаат еднаш денеска, а првиот сигнал за чад ќе биде даден од оџакот на Систинската капела околу 19:00 часот по локално време. Се очекува чадот да биде црн, што ќе значи дека не е избран папа.

Ако чадот е бел, тоа ќе значи дека е избран 267-от наследник на Свети Петар и новиот водач на Католичката црква.

Некои од кардиналите кои учествуваат во конклавата, денеска ги испратија последните свои пораки на социјалните мрежи пред да ги исклучат телефоните за време на изборот на новиот папа.

Чилеанскиот кардинал Фернандо Чомали Гариб објави видео на „Икс“ како ја пере својата риза. „Денеска влегувам во конклавата без мобилен телефон. Можете да гласате за тоа кој ќе биде папа само пред Бога. Тоа е одговорност која ме обзема“, изјави Чомали Гариб.

Алжирскиот кардинал Жан-Пол Веско напиша на „Фејсбук“: „Вечерва влегувам во тишината на конклавата, со нетрпение го очекувам тоа.“

„Оваа архаична институција од 11 век покажува колку е модерна во ерата на социјалните мрежи и зависноста од технологијата. Веќе нема телефони или интернет. Прозорците на нашите соби се запечатени. Ќе излеземе со проглас: habemus papam! (имаме папа). Ова е вистинска авантура!“, изјави тој.

Конзервативниот кардинал Рејмонд Берк преку видео на „Фејсбук“ побара: „Молете се за кардиналите кои влегуваат во Конклавата за да го изберат наследникот на Свети Петар.“

Украинскиот кардинал Микола Бичок, најмладиот член на Кардиналскиот колегиум со 45 години, на социјалните мрежи истакна дека додека е во Сикстинската капела, ќе се моли за праведен мир во Украина.

Поврзани вести