
Американскиот претседател, Доналд Трамп, соопшти дека Соединетите Американски Држави и Европската Унија постигналњ трговски договор.
Изјавата доаѓа по средбата на претседателот на САД со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во едно од неговите голф-одморалишта во Шкотска.
Трамп изјави дека договорот со ЕУ е „најголемиот договор што некогаш е направен” и дека ќе биде „одличен за автомобилите”.
Постигнавме договор. Тоа е добар договор за сите. Тоа ќе нè зближи… тоа е партнерство во извесна смисла, рече Трамп.
Шефицата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, исто така го поздрави како „огромен договор“, кој дошол по „тешки преговори“.
Таа потврди дека ќе има американски царини за стоки од Европа од 15 проценти за сите. Вашингтон претходно се закани со царинска стапка од 30 отсто. Договорот, исто така, вклучува ветувања за инвестиции и купување енергија во вредност од милијарди долари од Брисел.
Трамп претходно истакна дека главниот проблем бил „праведноста“, споменувајќи ги бариерите за американските извози на автомобили и земјоделски производи. Тој влезе во преговорите барајќи порамноправна трговија со 27-члената ЕУ и заканувајќи се со високи царини за да го постигне тоа, притоа инсистирајќи дека САД нема да паднат под 15 отсто увозни давачки.
Месеци наназад, Трамп им се закануваше на повеќето земји во светот со големи царини со надеж дека ќе ги намали големите трговски дефицити на САД со многу клучни трговски партнери, вклучувајќи ја и ЕУ.
Во случај да немаше договор и САД да воведоа 30 отсто царини од 1 август, ЕУ подготви контра-царини на стоки од САД во вредност од 93 милијарди евра.
Пред нивната средба, Фон дер Лајен го опиша Трамп како „тежок преговарач и склучувач на договори“. Таа повика на ребаланс на билатералната трговија во вредност од милијарди долари.
Размената на стоки и услуги меѓу САД и Европската Унија претставува една од најголемите трговски врски во светот. Тие се меѓусебно најголеми трговски и инвестициски партнери. Вкупната трговија со стоки меѓу ЕУ и САД во 2024 година изнесуваше проценети 975,9 милијарди долари. Заедно, тие сочинуваат речиси една третина од глобалната трговија со стоки и услуги.
Лани, САД увезоа околу 606 милијарди долари стоки од ЕУ и извезоа околу 370 милијарди долари. Овој дисбаланс, или трговски дефицит, е клучен проблем за Трамп. Тој вели дека ваквите трговски односи значат дека САД „губат”.