Skip to main content

Трамп најави тужба против „Би-Би-Си“ за до 5 милијарди долари поради монтиран документарец

Facebook / Donald J. Trump

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека веројатно следната недела ќе ја тужи британската радиодифузна корпорација „Би-Би-Си“ за дури 5 милијарди долари, поради, како што тврди, погрешно монтирање на видео од неговиот говор. Трамп инсистира дека монтираниот материјал му нанел „огромна штета врз репутацијата и финансиски загуби“.

Британската корпорација се најде во една од најголемите кризи во последните децении, откако двајца високи директори поднесоа оставки поради обвинувања за пристрасност, меѓу кои и поради монтирањето на говорот на Трамп од 6 јануари 2021 година, денот кога неговите поддржувачи го нападнаа Капитол во Вашингтон.

Адвокатите на Трамп првично побараа од „Би-Би-Си“ да го повлече документарецот или да се соочи со тужба за „не помалку од 1 милијарда долари“, како и извинување. Корпорацијата, која призна дека монтирањето било „грешка во проценката“, испрати лично извинување на 13 ноември, но отфрли повторно емитување на документарецот и не ја прифати тврдењето за клевета.

„Ќе ги тужиме за некаде помеѓу 1 и 5 милијарди долари, веројатно следната недела. Мислам дека морам да го направам тоа, тие дури и признаа дека измамиле. Ги сменија зборовите што излегуваа од мојата уста“, изјави Трамп.

Тој додаде дека не разговарал за прашањето со британскиот премиер Кир Стармер, со кого, како рече, има „цврст однос“, но планира да го контактира овој викенд. Според Трамп, Стармер се обидел да стапи во контакт и бил „многу засрамен“ од инцидентот.

Документарецот, емитуван во водечката програма за вести „Панорама“, спои три видео извадоци од говорот на Трамп, создавајќи впечаток дека тој ги поттикнувал немирите од 6 јануари 2021 година. Адвокатите на Трамп го оценуваат материјалот како „лажен и клеветнички“.

Поврзани вести