Skip to main content

Сојузниците на Украина блиску до договор: Напредок во безбедносните гаранции и планот за економско закрепнување

Freepik

Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф соопшти дека САД и сојузниците на Украина, обединети во таканаречената „Коалиција на подготвените“, оствариле значаен исчекор во разговорите за безбедносните гаранции и економското обновување на Украина.

Според Виткоф, напредок е постигнат во неколку клучни сегменти, меѓу кои и дефинирањето на рамката за билатерални безбедносни гаранции, како и разработката на т.н. „план за просперитет“, кој треба да ја поддржи долгорочната стабилност и развој на Украина.

Овие оценки тој ги изнесе во објава на социјалната мрежа Икс, по состанокот на сојузниците што вчера се одржа во Париз.

„Постои јасна согласност меѓу членовите на Коалицијата дека трајните безбедносни гаранции и цврстите обврски за економски просперитет се темел за одржлив мир во Украина. Во таа насока ќе продолжиме да работиме заеднички“, порача Виткоф.

Тој претходно најави и продолжување на разговорите со украинската делегација во Париз, изразувајќи надеж дека во блиска иднина ќе следи дополнителен позитивен развој. Во посебна изјава, Виткоф оцени дека преговорите се во завршна фаза и дека страните се „многу блиску до постигнување исклучително стабилен договор за просперитет“, каков што ретко се реализира по големи воени конфликти. Притоа, тој ја истакна конструктивната атмосфера и партнерскиот пристап меѓу учесниците.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека сојузниците на Киев веќе постигнале договор околу начинот на функционирање на европските сили за одвраќање во Украина по евентуален прекин на огнот, како и за државите што ќе учествуваат во таа мисија. Зеленски ова го соопшти пред новинарите по завршувањето на средбата во Париз.

Тој додаде дека Украина водела „конкретни и суштински разговори“ со САД за мониторингот на можен прекин на огнот и изрази очекување дека безбедносните гаранции ќе бидат потпишани во најскоро време. Според него, механизмите договорени во рамките на „Коалицијата на подготвените“ треба да функционираат паралелно и во тесна координација со гаранциите обезбедени од САД.

Францускиот претседател Емануел Макрон нагласи дека американската поддршка е клучна за голем број европски држави, посочувајќи дека во последните недели е забележлива промена во пристапот на Вашингтон. Според Макрон, САД веќе го разјасниле форматот на своето учество, вклучително и улогата во надзорот на линијата на фронтот во Украина.

Поддршка за договореното изрази и високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, која оцени дека средбата во Париз придонела за зацврстување на безбедносните гаранции. Таа посочи дека тие вклучуваат посилна украинска армија, поддржана од мултинационални сили и со активно учество на САД.

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека земјите учеснички се „поблиску до мир во Украина отколку кога било досега“, но истовремено предупреди дека најтешките и најчувствителни чекори во процесот сè уште претстојат.

Поврзани вести