![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/usaid.jpg)
Два синдикати што ги претставуваат вработените во Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) поднесоа тужба за американскиот претседател Доналд Трамп, американскиот државен секретар и министерот за финансии затоа што, како што тврдат, неуставно се обидуваат да ја укинат оваа агенција, основана од Конгресот, пренесе Бета повикувајќи се на светски медиуми.
Како што изјавиле повеќе извори за Си-Ен-Ен, се очекува помалку од 300 вработени да ги задржат своите работни места, додека безброј други или ќе бидат на отсуство до понатамошно известување или едноставно ќе бидат отпуштени. Ова е огромно намалување на работната сила, објавено преку е-пошта и се очекува да стапи во сила вечерва.
Тужбата, исто така, е насочена кон одлуката на администрацијата на Трамп да ја замрзне речиси целата помош за странство-потег што речиси ги запре клучните хуманитарни операции ширум светот и доведе до замрзнување на статусот или отпуштање на илјадници луѓе ангажирани на тие работни места.
Тужбата е поднесена до федералниот суд во Вашингтон од организациите „Democracy Forward“ и „Public Citizen Litigating Group“ во име на Американската федерација на владини службеници (AФГE) и Американската асоцијација на вработени во надворешни служби (AФСA).
Како што јави Би-Би-Си, во тужбата се тврди дека Трамп го прекршил американскиот Устав и федералниот закон со обидот да расформира агенција формирана од американскиот Конгрес.
Ниту една акција преземена од обвинетиот за распуштање на УСАИД немаше одобрение од Конгресо. Според федералните регулативи, Конгресот е единствениот ентитет што може законски да ја распушти агенцијата“, се наведува во тужбата и се додава.
Од судот се бара да се назначи независен вршител на должноста директор да раководи со УСАИД, да се отворат зградите на УСАИД за вработените, да се врати интернет страницата на УСАИД, да се вратат проектите за грантови и договорите и да се укине задолжителната евакуација на персоналот надвор од САД.
Од судот исто така се бара веднаш да го запре спроведувањето на планот за „задушување“ на УСАИД, кое, според обвинителите, го води милијардерот Илон Маск, поради итната потреба за обновување на хуманитарните програми.