
Министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто изјави дека Европската комисија се обидува да протурка иницијатива Унгарија да го намали потпирањето на рускиот гас, поради што е од суштинско значење Србија и Унгарија да ги здружат капацитетите и што е можно побрзо да ја забрзаат изградбата на заедничкиот гасовод.
Во гостување на РТС, Сијарто нагласи дека примерот на Србија покажува колку е опасно да се зависи од еден гасовод и колку поради тоа земјата може да биде беспомошна.
Затоа е важно Србија и Унгарија да ги здружат капацитетите и да ја забрзаат изградбата на заедничкиот гасовод колку што е можно повеќе, рече Сијарто.
Тој додаде дека унгарската компанија МОЛ двојно ги зголемила испораките за Србија во ноември, а во декември ќе бидат два и пол пати поголеми од претходно. Компанијата првпат вовела испораки преку железница, а го користи и Дунав.
Унгарската страна, исто така, му предложила на Белград дополнителни мерки за олеснување на испораката на српскиот пазар, како и подобро користење на речниот, патниот и железничкиот сообраќај, без разлика на пожарот во рафинеријата во Унгарија.
Во врска со потенцијалното влегување на МОЛ во сопственичката структура на НИС (Нафтена индустрија на Србија), Сијарто изјави дека тоа е прашање на комерцијални преговори меѓу заинтересираните страни и сопствениците. Тој појасни дека унгарската држава нема никаква улога во тие промени, а улогата на владите може да постои единствено во политичкото толкување на актуелната ситуација на енергетскиот пазар.
Во однос на американските санкции и неограниченото изземање на Унгарија за увоз на руска нафта и гас, Сијарто смета дека тоа ќе трае сè додека така сметаат претседателот на САД и премиерот на Унгарија. Тој ја пофали Америка дека размислува логично, за разлика од Брисел и ЕУ, кои не ја земаат предвид реалноста на инфраструктурата и географијата.
Сијарто најави и изградба на два нови реактори во Унгарија, што ќе ги гради рускиот „Росатом“, која започнува во февруари. Тој нагласи дека проектот сега е без американски и европски ограничувања и во него учествуваат бројни западноевропски компании како подизведувачи ангажирани од Русите.

Македонски








