
Црквата Саграда Фамилија во Барселона денеска ја достигна својата максимална висина од 172,5 метри, иако завршувањето на работите е предвидено за неколку години, соопшти нејзината управа.
Кран го постави горниот дел од крстот на врвот на „Кулата на Исус Христос“, централниот дел од Саграда Фамилија, со што таа сега е највисоката црква во светот.
Камен-темелникот на Саграда Фамилија беше поставен во 1882 година, а нејзиниот архитект Антони Гауди никогаш не очекувал дека ќе биде завршена за време на неговиот живот.
Работите се забрзаа во последните неколку децении, бидејќи црквата стана главна туристичка атракција за луѓето ширум светот.

Внатрешноста на „Кулата на Исус Христос“ сè уште се обработува, а нејзината надворешност е опкружена со градежни кранови и скелиња, кои се очекува да бидат отстранети до јуни годинава, кога треба да се одбележи стогодишнината од смртта на Гауди.
Гауди планирал крстот на црквата да има четири краци за да може неговиот облик да се препознава од која било насока. Оригиналниот план за изградба вклучува и зрак светлина што сјае од секој крак на крстот, симболизирајќи ја улогата на црквата како духовен светилник“, изјави ректорот на Саграда Фамилија, Жозеп Турул.
Саграда Фамилија ја посетуваат милиони туристи секоја година, а парите од билетите главно се користат за финансирање на остатокот од изградбата. Таа стана највисоката црква во светот во октомври минатата година, кога се издигна над кулата од 161,53 метри на германската готска лутеранска црква Улмер Минстер во германскиот град Улм.

Македонски



