Skip to main content

Романија воведе ограничувања во однос на горивата – дизелот веднаш поевтини

Првите мерки на романската влада поради наглиот раст на цените на горивата во контекст на конфликтот на Блискиот Исток стапија во сила од денеска. Тие вклучуваат ограничување на трговската маржа по должината на целиот синџир – од рафинерија до крајна продажба, како и рестрикции за извоз на дизел и сурова нафта.

Ефектот, иако умерен, се почувствува уште на почетокот на работниот ден, јавуваат локалните медиуми. На некои од бензинските станици цената на стандардниот дизел падна под 10 леи (1,96 евро) за литар, што е намалување од 40 бани, односно околу 10 евроценти. Стандардниот бензин денеска се продава за 9,32 леи (1,83 евро) за литар. Најголеми намалувања има на бензинските станици на „Петром“, објави порталот „Зиаре“.

Локалните економисти оценуваат дека ефектите ќе бидат поизразени во текот на следната недела. Тие пресметуваат дека од почетокот на конфликтот до сега просечната цена на бензинот во Романија пораснала за 17,6 отсто, што значи дека резервоар од 50 литри сега чини 70-ина леи (13,73 евра) повеќе отколку пред еден месец. Кај дизелот зголемувањето е уште поизразено – 25,2 проценти, односно речиси 104 леи (20,40 евра) повеќе за полн резервоар.

За споредба, на 1 јануари 2026 година бензинот имал просечна цена од 7,59 леи (1,49 евро) за литар, а дизелот 7,78 леи (1,53 евро).

Романската влада прогласи кризна состојба на пазарот на горива на 26 март, а во подготовка е и втор пакет-мерки, што ќе опфати намалување на акцизите.(МИА)

Поврзани вести