Skip to main content

Реките во Европа регистрираа најнизок летен проток во последните повеќе од 30 години

Реките во Европа го забележаа својот најнизок просечен проток во лето откако почнаа мерењата во 1992 година, додека морињата околу континентот беа необично топли во 2026 година, соопшти денеска Службата за климатски промени „Коперник“ на ЕУ.

Во јули и август беа регистрирани рекордно ниски или речиси рекордно ниски протоци на многу големи реки, вклучувајќи ги Рајна, Дунав, Лоара и Сена, соопшти мониторингот на ЕУ.

Се наведува дека ова изврши зголемен притисок врз наводнувањето, ладењето на нуклеарните реактори, хидроенергијата, достапноста на свежа вода и снабдувањето со енергија, што ја покажува блиската врска меѓу климатските промени и геополитичките предизвици, како што е енергетската безбедност.

Службата исто така пријави рекордни или речиси рекордни температури на површината на морето долж поголемиот дел од атлантскиот брег и во западното и централното Средоземје. Тие биле придружени со силни до исклучителни морски топлински бранови.

Морските топлински бранови можат да ја засилат топлината во блиските крајбрежни области преку ограничување на ноќното ладење и зголемување на влажноста на воздухот, според „Коперник“.

Податоците на мониторингот исто така покажаа дека летото 2026 година било третото најтопло откако постојат мерења за Европа во целина и најтопло во историјата за Западна Европа.

Западна Европа забележа просечна температура од 21,7 степени Целзиусови, што е за 2,5 степени над просекот за годините од 1991 до 2020 година.

До крајот на летото, рекордни 52 проценти од површината на континентот биле изложени на „многу силен“ топлотен стрес, кој се чувствува како 38 степени или повеќе, соопшти службата.

„Коперник“ исто така ги истакна времетраењето и географскиот опсег на топлината: имало 17 денови во кои биле забележани температури над 30 степени во најмалку 60 проценти од Западна Европа, во споредба со 11 денови во 2003 година и седум денови во 2025 година.

Постојаната суша и повторените топлински бранови придонесоа за исклучително интензивна сезона на шумски пожари. До 2 септември, изгорената површина во ЕУ беше речиси двојно поголема од просекот за годините од 2006 до 2025 година, при што Шпанија и Франција беа посебно погодени.

Шумските пожари предизвикаа голема штета и изложија милиони луѓе на опасно загадување на воздухот, соопшти мониторингот на ЕУ.(МИА)

Поврзани вести