Skip to main content

Продолжува истрагата за „Катаргејт“ против пратеници од Европскиот парламент

Истрагата за аферата „Катаргејт“ поврзана со корупција и влијание може да продолжи откако судиите на апелациониот суд ги отфрлија тврдењата дека обвинителите лошо постапувале со случајот, пренесе Политико.

Апелациониот суд во средата пресудил дека парламентарните имунитети на пратениците во Европскиот парламент кои се под истрага, вклучувајќи ја и поранешната потпретседателка на Парламентот, Ева Каили, не биле прекршени, објави денеска „Ле Соар“. Судот исто така ги отфрли тврдењата на осомничените дека судијата доделен на случајот имал судир на интереси и утврди дека белгиската безбедносна служба постапувала според законот при истражувањето на случајот.

Неколку пратеници и помошници во ЕП се соочуваат со обвиненија за вршење политички услуги за земји, вклучувајќи ги Катар и Мароко, во замена за пари и подароци.

Сите ги негираа обвинувањата, иако во 2023 година поранешниот италијански пратеник во ЕУ, Антонио Панцери, постигна договор за признавање вина со белгискиот обвинител во замена за намалување на казната.

Пратениците во ЕП во декември гласаа против укинување на имунитетот на италијанската пратеничка Елизабета Гуалмини, која е обвинета за вмешаност во аферата, со образложение дека белгиските обвинители не доставиле доволно докази.

Одборот за правни прашања на ЕП гласаше за укинување на имунитетот на уште една италијанска пратеничка во Европскиот парламент, Алесандра Морети.