
Претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, утре ја започнува својата годишна турнеја низ Западен Балкан, за да ја истакне поддршката на Европската Унија за процесот на пристапување на регионот во ЕУ и да разговара за Планот за раст на ЕУ од 6 милијарди евра за Западен Балкан за периодот 2024-2027 година.
-Нејзина прва дестинација ќе биде Тирана, каде што ќе се сретне со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама. Средбите ќе се фокусираат на патот на Албанија кон интеграција во ЕУ, како и на можностите за економска соработка и подобрување на регионалните врски, објави Ора њуз.
По средбите со Бегај и Рама, претседателката Фон дер Лајен ќе одржи говор на Инвестицискиот форум ЕУ-ЗБ6 што ќе се одржи во Тирана на 13 и 14 октомври, во кој ќе се фокусира на посветеноста на ЕУ за поддршка на економскиот развој на регионот и новите инвестициски можности.
Според официјалната агенда, форумот ќе биде отворен со поздравен говор на премиерот Еди Рама, кој ќе ја нагласи важноста на настанот за развојот на регионот. Најавувајќи го одржувањето на форумот Рама истиот го оцени како историски настан, што ги зближува земјите од Западен Балкан, и е „уште еден важен чекор за зајакнување на соработката и економскиот развој во регионот“.
По посетата на Албанија, Фон дер Лајен ќе отпатува за Тиват, Црна Гора, а ќе ги посети и Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Македонија.