Skip to main content

Пет години немало инспекција во барот во Швајцарија каде загинаа 40 лица

Општинските власти во Кран-Монтана признаа дека во изминатите пет години не биле спроведени редовните безбедносни инспекции во барот „Le Constellation“, каде во новогодишната ноќ избувна пожар со катастрофални последици. Градоначалникот Никола Феро изјави дека периодичните контроли не биле вршени од 2020 до 2025 година, иако локалните правила предвидуваат годишни проверки за објекти од овој тип, додавајќи дека општината „горко жали“ за пропустот.

Пожарот избувна за време на новогодишната прослава, кога во барот имало голем број млади луѓе. Според првичните процени на истражителите, огнот најверојатно започнал во подрумската сала, откако светлечки прскалки прикачени на шишиња шампањ биле кренати премногу блиску до таванот, за кој се наведува дека бил обложен со материјал за звучна изолација. Токму брзината со која пламенот се проширил ја засили дебатата за материјалите во ентериерот, алармните системи и функционалноста на излезите во вакви објекти.

Во трагедијата загинаа 40 лица, а најмалку 116 беа повредени, дел со тешки изгореници. Жртвите, според информациите на властите, се на возраст од 14 до 39 години, со доминантно малолетна и младинска структура, што го направи случајот уште почувствителен за јавноста. Општината посочи дека не е нејзина задача да утврдува вина за пожарот, туку тоа ќе го направат истражните органи, но најави „целосна транспарентност“ кон семејствата и јавноста.

Паралелно со кривичната истрага, која се води и во насока на сомневања за небрежност, властите најавија построги мерки во туристичкиот центар: употребата на т.н. „бенгалски фонтани“ и слични пиротехнички ефекти во затворени простории веќе се ограничува, а општината најави и промени во организацијата на инспекцискиот надзор. Во петок е најавена комеморација во чест на загинатите, на која, според најавите, ќе присуствува и францускиот претседател Емануел Макрон.

Поврзани вести